Македонија
1. February 2019 - 8:48

Кацин: Македонија и Црна Гора треба да бидат “париско-берлинскиот“ мотор на Балканот

 Словенечкиот амбасадор при НАТО, Јелко Кацин, во интервју за МИА зборува за следните чекори на зачленувањето на Македонија во Алијансата, важноста на земјата за регионот и уверува дека “сѐ е договорено“ за потпишувањето на пристапниот протокол, што треба да се случи многу скоро.

Владата на Република Словенија и парламентот одамна дадоа согласност за потпишување на пристапниот протокол, пред повеќе од десет дена тоа го најави и нашиот министер за одбрана, кој беше во посета на вашата земја. Тогаш беше кажано дека јас имам овластување. Во меѓувреме стигна и писмено овластување тоа да се потпише и го чекаме само свечениот чин на потпишување на тој документ. Тоа значи дека Република Македонија е де факто 30-та членка на сојузот, иако не одлучува, туку набљудува, и поканета е на сите важни формати на сојузот, истакна Кацин.

Според него влезот во НАТО е одлична прилика за созревање на сите политички субјекти во земјата, во извршната и во парламентарната и вонпарламентарната сфера и невладините организации.

-Има сѐ повеќе мешање во изборните процеси, мешање и ставови кои го нарушуваат суверенитетот на земјата и кои се против стратегиските приоритети на земјите. Преспанскиот договор е последниот таков пример. И вашата и грчката Влада реагираа, такво мешање што се истражува во САД, тоа самите го доживеавте. Тука два елемента се важни. Секоја политичка опција треба да се погледа во огледало и да одлучи каде и е иднината: во Москва или на запад? Важи ова и за сите ваши соседи. А друго е дека сите ваши институции треба да реагираат на такво мешање и да спроведат активности. Нетранспарентноста на финансирањето или обидите за дестабилизација на самата земја треба како такво да се препознае. Треба да се зголеми отпорноста на сите наши земји членки. Колку сме способни да преживееме такви обиди и колку сме способни во такви обиди меѓусебно да си помогнеме? Имаме свои мобилни тимови кои доаѓаат на барање на поединечни држави и им помагаат на органите на тоа да се спротивстават. А имаме и низа предизвици од кибернапади до хибридни закани. За сето тоа треба подобро да се организираме, да развиеме капацитети, да имаме поголема свест дека тоа постои, истакна Кацин.

На прашањето дали дека Македонија има капацитет за сите овие предизвици, словенечкиот амбасадор во НАТО одговори:

-Македонија покажа во последните години дека е способна да се менува и прилагодува на нови ситуации, дека е толку одговорна што разбира дека треба да го надомести изгубеното време од оние десет години откако не беше во пакет со Хрватска и Албанија за влез во НАТО. Сите политички субјекти да размислат колку пати донеле погрешни проценки кога не искористиле историски прилики, кога наместо да прифатат компромис повторно организирале некакви избори, било кој изговор Македонија сама себе да се дискредитира и да се оддалечува од европските текови. Она што е важно сега, не е дали е доволно способна туку дека Македонија докажа дека е моментално најзрела на Западен Балкан и со тој историски исчекор докажува дека некои други земји од регионот треба на неа да се угледаат и да си ги забрзаат реформите. Македонија заслужува датум за преговори, тоа ќе биде најјаката порака за сите соседи, од Албанија преку Косово и Србија и Црна Гора ќе биде во подобра ситуација кога има некоја земја што сака да го надомести изгубеното време. И тогаш ќе се види дека не треба да се чека пакет на сите земји од Западен Балкан, од кои уште одат наназад. Црна Гора и Македонија како тандем мора да играат улога во регионот како париско-берлинскиот мотор во Европа, мораме нешто такво да развиеме, тука се можностите и сѐ ќе биде можно ако имаме водачи свртени кон иднината кои разбираат дека компромисот е најголема победа. Без тој принцип НАТО никогаш не би функционирал.

МИА