Македонија
11. April 2019 - 8:44

Кацарска: Првото поглавје од преговорите не се отвара веднаш по одлуката на ЕУ

Директорката на Институтот за европска политика, ЕПИ, Симонида Кацарска, во разговор за МИА се осврнува на изјавите на комесарот Хан за “подготвителната“ фаза на преговори, но и на капацитетот на македонската администрација да се сноси со преговарачкиот процес.

Изјавата на европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, дека Европската Комисија ќе предложи отворање на “подготвителна“ фаза на преговорите за Северна Македонија во јуни предизвика бура реакции во јавноста и сомнеж дека всушност ЕУ повторно бара изговори да не ги започне ефективно преговорите со земјава. Но, всушност, ако се суди според новиот преговарачки пристап на ЕУ, тоа што го изјави Хан не е изненадување, бидејќи процесот  е побавен отколку што бил пред петнаесетина години кога влегуваа земјите од источниот блок, објаснува Кацарска.

Идеалното сценарио за јуни е Советот да усвои одлука со која се закажува првата меѓувладина конференција, тоа е почетокот на преговорите, а најдоброто сценарио за нас е Советот на Европската Комисија да и побара преговарачка рамка, објаснува Кацарска.

Со други зборови, во јунските заклучоци (доколку тогаш на агендата на Советот биде ставено проширувањето на дневен ред) најпозитивното сценарио за Македонија би било тие да гласат дека “земјите членки на Комисијата да дадат мандат за преговарачка рамка со изглед за свикување меѓувладина конференција (МВК) во декември 2019“. МВК го означува ефективниот почеток на преговорите. До тогаш Македонија мора да помине и преку процесот на билатерален скрининг, кој е различен и покомплексен од сегашниот, подготвителен скрининг, бидејќи тогаш администрацијата ќе треба активно да реферира за сработеното пред ЕК и пред земјите членки.

-МВК не значи отворање на поглавја автоматски, бидејќи дотогаш нема да биде завршен билатералниот скрининг, а според новиот пристап, ЕК прави извештаи за тоа колку одредена земја е спремна да ги започне преговорите во одредено поглавје и за поголем дел поглавја става одредници за отворање на поглавјето, познати како opening benchmarks. После тоа, откако земјата ќе ги исполни тие одредници, ЕК прави извештај на проценка на исполнување на тие одредници, а ова се сѐ временски периоди што треба да се земат предвид, нагласува директорката на ЕПИ.

Што значи дека откако ќе се одобри одлуката за старт на преговори, ЕК ќе објавува дополнителни извештаи за нашата земја, овој пат за отворање на поглавјата. Тие одредници Македонија треба да ги исполни, по што повторно Комисијата ќе треба да ги оцени. Секоја од овие етапи може да трае до шест месеци, некогаш и година дена.  Во идеално и забрзано сценарио, Македонија би можела да го отвори првото поглавје во текот на идната година, како што посакува Владата, но не би било невообичаено тоа да се случи во 2021.

Но, без оглед на отворањето на првото поглавје, билатералниот скрининг и извештаите на ЕК за одредниците веќе треба да ја мобилизираат администрацијата и да носат промени, доколку постои политичка волја.

-Требаше да ни биде нешто и подготвителниот скрининг, врз основа на него требаше веќе да постојат проценки за тоа каде се наоѓаме во одредени поглавја, овој процес ќе оди напред, нема да нѐ чекаат, колку порано се подготвиме тоа подобро, вели Кацарска, и го дава примерот со Романија, чија најголема грешка била што не почнала да се спрема уште за време на подготвителниот скрининг.

Колку е подготвена Македонија за преговорите ЕПИ не е во можност да процени бидејќи Владата сѐ уште не ја утврдила до крај институционалната структура за преговори, а документите од подготвителниот скрининг не се јавно достапни, бидејќи се сопственост на Европската Комисија и Владата тврди дека не добила дозвола да ги објави. Надежта сега е дека кога ќе почне билатералниот скрининг, јавноста ќе биде повеќе информирана. Билатералниот скрининг ќе биде и корисен за да се утврди капацитетот на администрацијата да преговара со ЕУ. За успешни преговори, објаснува Кацарска, важно е да се создаде силно “јадро“ во институциите наместо систематски експертизата да се бара надвор.

-Ние тоа што го слушаме и од Владата е некогаш прашалник дали има доволно капацитет одвнатре, сме слушнале такви размислувања од многу министри, па дали ќе треба да се потпираме на надворешни искуства, тие дискусии постојат, но мислам дека мора да се најде експертизата внатре во администрацијата за ваков долг и тежок процес. Може да имате експертска помош од надвор, но тежината ја носат луѓето внатре во администрација. Прашањето е дали пронајдено тоа клучно јадро во администрација, вели Кацарска за МИА.

Секретаријатот за европски прашање е граден токму по тој принцип на инвестиција во капацитетот на домашно административно јадро способно да се сноси со предизвиците од ЕУ, меѓу другото преку стипендирање на луѓе кои потоа се враќале да работат во СЕП, принцип кој “не е невозможно да се реплицира“, смета директорката на ЕПИ.

Кацарска потсетува дека кога ќе започнат преговорите ќе бидат од посебна важност не само да се вклучи граѓанскиот сектор во процесот, туку пред сѐ Собранието.

-Сѐ уште не се разрешени механизмите за улогата што би ја имала Собранието во преговарачкиот процес. Само за споредба, во мноштво земји преговарачките позиции ги усвојува Собранието или соодветните собраниски комисии.

Кацарска за крај укажува и дека при изборот на преговарачкиот модел ќе биде важно да се пронајде добриот баланс помеѓу ефикасноста и транспарентноста на процесот. Бидејќи брз и ефикасен процес претпоставува помалку транспарентност и вклучување на разните чинители во општеството, додека пак инклузивниот процес можеби е побавен но има поголем легитимитет, објаснува Кацарска.