Македонија
4. October 2018 - 11:08

Кацарска ги предупреди обвинетите за „27 април“ да не ги малтретираат сведоците

На почетокот на рочиштето за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година претседателката на судечкиот совет Добрила Кацарска ги предупреди сите обвинети да престанат да ги малтретираат сведоците и да им се јавуваат и да бараат средби со нив. Судијката Кацарска предупреди дека тоа е кривично дело и подлежи на санкции.

Во Судот сведочи Влатко Наумовски, кој на прашање од обвинителката Вилма Рускоска кажа дека бил помошник командат во Единицата за брзо распоредување.

На прашање кој го правел оперативниот план на единицата за обезбедување на протестите, рече дека тој се изготвувал секој ден во координација со штабот.

- Јас бев претходниот ден на работа и јас го изготвив планот, а распоредите за ангажираните припадници ги прават раководителите на основните единици, рече сведокот.

Кажа дека барањата за ангажман за оперативната акција Платформа пристигнувале преку оддел за специјални полициски операции, а во тоа време началник на одделот бил Митко Пешев.

- Контакт непосреден со Пешев немав, се слушнавме телефонски некаде пред завршување на работното време во врска со останати ангажмани за следниот ден. Ми кажа дека во СВР Скопје има најава за ракометен натпревар и најверојатно ќе има побарување за тоа, но истото ќе го договорат со одговорниот заследниот ден, бидејќи јас бев слободен, рече сведокот.

Тој рече дека на 27 април користел слободен ден и бил излезен на седенка со колеги.
 
- Околу 18:30 ми се јави командантот Маријан Петковски и ме информира дека во моментот на протестот пред Собранието во тек е нарушување на јавен ред и мир и истиот ми кажа ако сум во можност што е можно побрзо да одам на лице место и го информирам за ситуацијата таму и да пружам помош на колегите таму, рече сведокот.

Како сведоци на денешното рочиште се повикани и Маријан Петковски, Горан Ѓорѓиевски и Сашо Трпевски.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници и граѓани. Тие пред судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.