Македонија
14. February 2016 - 12:54

Кацаров, Баковиќ и Ѓуришиќ добитници на наградата „Големиот принц“

Македонскиот писател Трајче Кацаров, Ивица Баковиќ од Хрватска и Душан Ѓуришиќ од Црна Гора се годинашните добитници на меѓународната награда „Големиот принц“ на Фестивалот „Големи и мали деца“, кој заедно го организираат Издавачката куќа „Феникс“ и Фондацијата „Македонија Презент“ од Скопје. 

Кацаров е награден за неговата најнова книга за деца и млади „Скаските на Мето од петто“, Баковиќ ја подготви книгата „Македонски раскази за деца“, а Ѓуришиќ ги преведе „Антологиите на македонскиот расказ и македонската поезија за деца и млади“ 

Книгата од Трајче Кацаров е мини роман, кој говори за периодот кога детето се одвојува, односно како што вели авторот „не се држи веќе цврсто за здолништето на бабата и фустанот на мајката“. Кацаров пишува современо, актуелно и провокативно, а по неговата претходна книга „Ојле брада во животинска балада“, со ова ново дело донесува нешто ново, модерно, урбано и привлечно во македонската литература за деца и млади. 

Ивица Баковиќ и Душан Ѓуришиќ се вистински книжевни амбасадори, аниматори и афирматори на македонската литература за деца и млади во Хрватска и Црна Гора. Со тоа, нашето творештво за најмладите излегува надвор од локалните гранции и рамки и зазема се позначајно и посуверено место во рамки на балканската и европската книжевнсот за деца и млади.