Свет
17. September 2019 - 17:51

Јужнокорејските опозиционери јавно ги бричат главите во знак на протест против власта

Јужнокорејскиот опозициски лидер Хуанг Кјо-ан е последниот во низата политичари кој јавно ја избричи главата во знак на протест против Владата, објави Би Би Си.

На синоќешниот собир пред претседателската палата, пред своите приврзаници и новинари опозиционерот ја избричи главата во знак на протест против новиот министер за правда Чо Кук, чие семејство е вмешано во корупциски скандали. Од истата причина, минатата недела се избричија две пратенички. Сите тројца се од Конзервативната партија, која бара смена на Чо, кој ја презеде должноста минатиот месец.

Чо беше именуван на функцијата и покрај обвинувањата за финансиски и академски малверзации на членови на неговото семејство. И неговата сопруга е обвинета дека фалсификувала материјал кој и помогнал на нејзината ќерка да се запише на факултет и да добие стипендија. Обвинителите истражуваат и наводна измама во еден фонд поврзан со роднина на Чо.

Истражителите во изминатите недели изведоа неколку рации во врска со членови на семејството на министерот.