Свет
8. January 2016 - 8:31

Јужна Кореја ги обнови пропагандните пораки против Пјонгјанг

Јужна Кореја ги обнови пропагандните пораки против Северна Кореја на границата со Северна Кореја, во одговор на нуклеарната проба извршена од Пјонгјанг на 6 јануари.

- Емитувањата се обновија попладнево (03.00 часот по Гринич), соопшти претставник на јужнокорејското Министерство за одбрана.

Со 11 звучници по границата се емитуваат популарни корејски поп песни, светски вести, временска прогноза и критики кон државното управување на Северна Кореја за извршениот нуклеарен тест, за тешката економија на Пјонгјанг и за ужасната состојба на човековите права во земјата.

Јужнокорејската армија ги постави под највисоко обезбедување местата, каде што се наоѓаат звучниците, и распореди артилерија крај нив.

Кога Јужна Кореја за кратко ги обнови пропагандните пораки во август по 11-годишен прекин, Сеул соопшти дека двете Кореи заемно стрелале со артилерија. Состојбата тогаш се смири по дводневни преговори на високо ниво.