Македонија
26. April 2018 - 16:45

Јункер од грчкиот парламент- решавањето на спорот е итно, Ципрас вели дека се максимално посветени

Корисна и позитивна корисна и позитивна средба, но без конкретен напредок во спорните прашања, е е генералниот коментар на грчките медиуми по вчерашната рунда преговори во Виена на шефовите на дипломатиите Димитров и Коѕијас со посредство на меидјаторот Нимиц.

Катимерини пишува дека клучниот исчекор се очекува од Македонија.

,,Иако климата е многу позитивна, јасно е дека за да постои деблокада на актуелната ситуација, власта во ПЈРМ ќе треба да донесат сериозни одлуки за спорните прашања кои во фокусот го имаат ерга омнес. Се чини дека за раководството во соседната земја, употребата на новото име во внатрешноста е особено тешка работа, како и ревизијата на Уставот. Сепак, постои напредок во поединечни прашања што се однесуваат на конкретната тема‘‘, пишува весникот.

Грчкиот премиер Ципрас по денешната средба со претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер изјави дека официјална Атина за прв пат е толку решителна во обидите за решавање на спорот за името.

,,Ова го покажуваме обидувајќи се, по прв пат, на толку решителен начин да најдеме заемно прифатливо решение во прашањето со името на поранешната југословенска Република Македонија со гаранции дека ова прашање ќе има конечно решение‘‘, изјави Ципрас.

Премиерот Заев, пак и за бугарската БТВ нагласи дека ставот е сложено име, но само за меѓународна употреба.

,,Ако гледаме историски каде била таа стара историска Македонија, има еден дел во Бугарија, има еден дел во Грција. Ние сме само еден дел и тоа е факт. Ние сме горниот, северниот, вардарскиот дел. Како да го кажеме, ако кај нас е вардарскиот, кај вас е пиринскиот, егејскиот. Тоа е факт. Многу е важно дома да не бидеме обезличени и да не бидеме обесчестени. Кога влегувавте во оваа влада таму пишува: Влада на Република Македонија. Да не мораме тоа да го смениме‘‘, изјави Заев.

Премиерот вели дека ако не се најде решение, тогаш нема да има иднина во ЕУ и НАТО, па ќе мора Европа да ја доведеме во Македонија, а за отвореното прашање ќе продолжи да се бара решение.

Оптимист дека може да се добие датум за почеток на преговорите со ЕУ во јуни, е известувачот за земјава во европарламентот, Иво Вајгл. Во интервју за МИА, Вајгл вели дека негов, но и став на европратениците е дека преговорите мора да почнат, а разговорите за името да продолжат паралелно.

,,Јас како известувач секогаш сум го нагласувал и сум добивал поддршка за тоа, дека не треба да се чека конечен договор за да започнат преговорите, туку дека треба да се отворат преговорите за членство, оние поглавја кои може да се отворат, меѓутоа би било неодговорно сега ако пробам да го предвидам непредвидливото. Мислам дека грчкиот став ќе биде резултат на една комплексна оценка, дали Грција го постигнала тоа што сакала во преговорите за името, а останатите работи не мислам дека се од таква природа да можат да оправдаат вето‘‘, вели Вајгл.