Македонија
10. August 2024 - 16:43

ЈСП и Град Скопје немаат пари да го платат кредитот за автобусите од мандатот на Шилегов

ЈСП и Град Скопје бараат советот да одобри кредит за купување нови автобуси, а немаат пари да ги плаќаат ратите за автобусите кои веќе возат низ скопските булевари. Станува збор за 33-те автобуси набавени во 2020-тата во мандатот на Петре Шилегов. За нив беше потпишан договор со Европската банка за обнова и развој за кредит од 10 милиони евра. Според договореното, кредитот треба да го плаќа ЈСП, а ако не може, тогаш ратите да ги покрива Градот. Но, бидејќи ни едните, ни другите немале доволно пари, ЕБОР сега бара доспеаната рата да ја подмири државата.

„Со договор за обезбедување гаранција склучен меѓу ЈСП како главен должник, Градот Скопје како примарен гарант и Министерство за финансии како секундарен гарант, се регулира начинот на плаќање на гарантираните обврски и инструментите за обезбедување на побарувањата по основ на платени гаранции. Доколку ЈСП како главен должник и Градот Скопје како примарен гарант не ги отплатат доспеаните обврски, тогаш согласно Законот за гаранција и Договорот за обезбедување гаранција, Министерството за финансии пристапува кон плаќање на обврската. Барањето за плаќање на доспеаните обврски до Министерството за финансии е доставено од страна на ЕБОР“, ни рекоа од министерството.

Дека касата на ЈСП нема пари за овој долг ни потврди и првиот човек на претпријатието.

„Не сме во финансиска можност да ги обезбедиме тие средства. Сумата е поголема и во моментов не можеме ние да ја обезбедиме како јавно претпријатие. Приходите се драстично намалени во изминатиот период. Имаме многу ненаплатени побарувања кои ни оневозможуваат тековно да ги сервисираме обврските“ – Драги Кушовски, директор на ЈСП

Годишната рата е околу еден милион евра. Парите за исплата на ратата се предвидени со ребалансот на буџетот. Министерката за финансии при презентација на бројките, кажа дека се обезбедени средства за кредитите на повеќе јавни претпријатија, меѓу кои и ЈСП.

Во јануари годинава, Јавното сообраќајно претпријатие доби 11 милиони евра од Град Скопје потребни за плати и подмирување на обврските, но директорот Кушовски вели тие пари нема да им стигнат.

„Не, тие средства не се доволни. Ќе видиме со ребалансот што се направи дали ќе успееме да дојдеме до крајот на годината барем минимално да ги сервисираме обврските. Ние се трудиме од сопствени извори да ги обезбедиме дополнителните пари“ – Драги Кушовски, директор на ЈСП

Во меѓувреме, граѓаните се уште чекаат на постојките и повеќе од еден час, а таблите на кои пишува за колку време ќе стигне автобусот не се точни.

Кушовски е свесен дека луѓето најмногу трпат, ни криви, ни должни, но вели дека се труди преку внатрешна реорганизација да обезбеди поквалитетни услуги.

Градоначалничката Арсовска за време на кампањата се возеше во градски автобус и вети бесплатен јавен превоз. Ветувањето не си го исполни. Неколкупати штрајкуваа и вработените во претпријатието и приватните превозници, а откако возач на ЈСП се заби во жардиниера и обвини дека автобусите не се поправаат и се возат расипани, предмет отвори и обвинителството.