Јорданова: Проширувањето не беше споменато на Самитот во Загреб, тоа е порака дека процесот назадува
Избегнување на процесот на проширување во декларацијата на ЕК е порака сама по себе. Малинка Јорданова од Институтот за европска политика вели дека е очекувано регионаланата соработка да биде во фокусот на заклучоците, но изостанува она што е важно за да се потврди европската перспектива на земјите од регионот.
Особено внимание предизвика вчерашната изјава на бугарскиот премиер по завршувањето на состанокот. Борисов најави вето во секој момент од преговорите доколку Македонија отстапи од договорот за добрососедство.
„Кога 27 држави ќе поддржат документ во кој спроведувањето на договорот за добрососедство е наведено како услов, ние сме ја завршиле нашата дипломатска работа. Ако некој отстапи од тој документ, при секое поглавје Бугарија може да го блокира. Затоа, како што им реков, зависи од вас. Нашето пријателство и братство, кога требаше да им дадеме поддршка – го покажавме. Ние кажавме какви се нашите услови, за да бидат примени во Европската унија. Тоа не е (по) желба,… ние први ги поддржавме за НАТО… што, да излеземе и да кажеме дека сме Македонци, тоа ли да го кажеме?! Тоа е основниот документ според кој Бугарија ќе работи за напред. Ги сакаме, ги поддржуваме, но мојот совет е да не си поставуваат невозможни услови“,вели Борисов.
Ваквата изјава според Јорданова е своеволно толкување на договорот од страна на Бугарија, која како земја-членка на унија го користи овој документ за да наметне свои услови.
Дали овие закани ќе застанат на патот на Македонија кон унијата, Јорданова вели дека ќе зависи од внатрешниот притисок на Бугарија кон останатите земји членки. Без разлика на исходот смета дека Македонија не може да очекува брз старт на преговорите за членство. Првата меѓувладина конференција може да се одржи најрано есенва или до крајот на годината.
-
Десприна Тодоровска
Сите содржини од овој новинар