Македонија
19. November 2015 - 10:14

Јолевски на средби во Вашингтон - поддршка за приемот на Македонија во НАТО

Македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски, кој во САД имаше серија средби со американски политички претставници, изјави дека безбедносните состојби во Европа налагаат што е можно поскоро да се обезбеди приемот на Македонија во НАТО. Републиканскиот конгресмен од Флорида Џеф Милер, кој вчера се сретна со Јолевски, додаде дека останува на Грција да ја препознае важноста на моментот во Европа.

- Поради новите безбедносни промени во Европа, потребно е Македонија да биде дел од НАТО. Се надевам дека некои земји како Грција ќе разберат дека сега се работи за безбедноста, што е најважно во овој момент, изјави конгресменот Џеф Милер по средбата со министерот за одбрана Зоран Јолевски во Вашингтон.

Министерот Јолевски се сретна со десетина конгресмени и сенатори, во пресрет на декемврискиот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО на кој се очекува да се постави агендата за варшавскиот самит на НАТО во 2016 година.

- Во разговорите беше истакнато дека е време да се размислува стратешки за тоа како понатаму да се зајакне стабилност во цела Европа. Еден од елементите како оваа стабилност може да се зајакне е преку покана за Република Македонија и за Црна Гора за членство во НАТО, а за Босна и Херцеговина да добие процес кој ќе води до целосно членство. Се разбира за Босна и Херцеговина ќе треба подолго време. Меѓутоа сите конгресмени и сенатори со коишто разговарав е време Европа и Соединетите Американски Држави да размислуваат стратешки за проширувањето на НАТО, изјави Јолевски за Македонската Телевизија.

Министерот Јолевски додаде дека на средбите со американските функционери и конгресмени биле изнесени пофалби за македонските реформи и стратегиското партнерство со САД во областа на одбраната, и била изразена подготвеност за соработка во справувањето со бегалската криза.

- Сите сенатори, конгресмени и во администрацијата се интересираа за начинот на движење на мигрантите низ Европа, како може тој начин на движење на мигрантите да биде побезбеден, од аспект да се знае кој влегува во државите, односно тој транзит да биде соодветно и целосно регистриран. Понатаму тие ја изразија загриженоста во целина за безбедносната состојба не само во Европа, туку и во Америка, и кажаа дека како земја партнер се подготвени да работат со партнерите од Европа, вклучувајќи ја и Македонија, со цел светот да стане побезбедно место за живеење, изјави Јолевски.