Македонија
18. April 2018 - 17:36

Јоханес Хан и Фредерика Могерини во Скопје - Македонија може да биде пример за регионот

Македонија може да биде лидер во регионот доколку има конкретна имплементација на реформите, порача еврокомесарот Хан, ден по извештајот на Европската комисија. Хан вели препораката за почеток на преговорите со Европската унија е заслужена, но земјава мора да се фокусира на реформите во судството, јавната администрација и борбата со корупцијата. Премиерот Заев пак, најавува уште подинамичен реформски процес за Макеоднија да добие датум за почеток на преговорите во јуни. Заев и Хан се оптимисти за брзо решение на спорот со името, но не открија што доколку проблемот не биде надминат во следните два месеци.

Извештајот на Европската комисија Хан утрово и лично му го предаде на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. На оваа средба Мицкоски посочил дека опозиција ќе продолжи да го поддржува рефорсмкиот процес, се додоека тој не задира во државните и националните интереси. Опозицијата смета дека и покрај чистата препорака, во извештајот Комисијата нотира голем број на забелешки.

Хан оствари средби и спикерот Талат Џафери и со лидерот на ДУИ Али Ахмети. Според нив, препораката за почеток на преговорите со унијата е заеднички успех на сите граѓани и политички партии.

Посетата на Македонија Хан ја заокружи и со средби со БЕСА и Алијансата за Албанците кои сметаат дека земјава треба да се фокусира на решавање на спорот за името пред останатите домашни задачи.