Македонија
5. February 2020 - 9:15

ЈКП „Нискоградба“ ги исчисти улиците со висок приоритет во Битола

Јавното комунално претпријатие „Нискоградба“-Битола со цел ресурсен потенцијал, механизација и екипи од раните утрински часови го чистеше снегот што синоќа падна во градот.

Во изјава за МИА, директорот на ЈКП „Нискоградба“-Битола, Методи Силјановски истакна дека подготвени го дочекале снежниот бран и утрово нема проблеми на сообраќајниците во градот и околината.

-Синоќа на дел од улиците беше фрлен песок и ризла, а во зорите со девет специјални возила за чистење снег го чистевме и исчистивме снегот од улиците кои во програмата за одржување на улици во зимски услови се карактеризирани како улици со приоритет. Исчистени се сите пристапни патишта или влезови кон важни институции – Здравствен дом, Клиничка болница, детски градинки и училишта, а континуирано се чисти и на други локации во градот и околината, посочи Силјановски.

Во Битола синоќа наврнаа 21 сантиметар снег.