Балкан
7. March 2020 - 12:57

Јеремиќ: Вучиќ го договори членството на Косово во ОН

Лидерот на српската опозициска Народната партија (НС), Вук Јеремиќ, изјави во Вашингтон дека српскиот претседател Александар Вучиќ „го договорил членството на Косово во Обединетите нации“ и дека врвот од американската администрација има големи очекувања од Белград и Приштина веднаш по изборите во Србија на 26 април.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Јеремиќ во Вашингтон имал разговори во Стејт департментот со претставници на американската администрација и со конгресмени и сенатори.

– Американците имаат големи очекувања по изборите во Србија. Бидејќи високиот американски функционер Ричард Гренел, кој доби исклучително висока позиција да ги надгледува сите разузнавачки служби на САД, одлучи да остане вклучен во (преговорите за Косово), мојот заклучок е дека тој и врвот на американската администрација очекуваат Белград и Приштина да склучат договор до ноември. Кога го изнесов своето мислење пред соговорниците во Вашингтон, никој не рече дека не се согласува со ова, изјави, изјави Јеремиќ за Гласот на Америка.

На прашањето дали знае што е договорено за Косово, Јеремиќ кажа дека неговите американски соговорници тоа не го кажале и дека би било „некоректно да се пренесат дури и инсинуациите кои му биле пренесени“.

– Мое очекување е дека станува збор за сеопфатен договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, кој подразбира Косово да стане членка на ОН, истакна Јеремиќ.

По повод претстојните избори во Србија, тој оцени дека „секој што денес е навистина опозиција на Александар Вучиќ во Србија нема да излезе на изборите“.

– Тоа е состојба која соговорниците од американската администрацијата ја прифатија. Многу е важно, она што претходно ни се кажуваше – ако не излезете на гласање, повеќе нема да бидете кредибилен соговорник на меѓународната заедница – очигледно е отстрането од масата. Српската опозиција останува кредибилен соговорник на меѓународната заедница и тоа беше една од најважните причини поради која го посетив Вашингтон оваа недела, наведе Јеремиќ.

Тој додаде дека демократијата и прашањата за човековите права „можеби повеќе не се приоритет на САД како што биле во минатото, но тоа не е тема што е целосно заборавена и тргната од масата“.

– Денес во Вашингтон немаат никаква илузија дека Србија е демократска земја и по извештајот на Фридом Хаус, вклучително и последниот, повеќе никој не се ни обидува да ја прикаже Србија како демократска земја, изјави Јеремиќ.

Тој наведе дека во разговорите со американски официјални лица се фокусирал на она што се очекува во Србија по изборите, поточно за тоа како да се дојде до фер избори после 26 април, кога ќе се одржат парламентарните, покраинските и локални избори.