Македонија
30. January 2017 - 13:49

Јаз од 12 проценти помеѓу платите на мажите и жените

За работно време од осум до 16 часот  жените во Македонија треба да заминат од работа во 15:04 часот за да бидат еднакви со мажите што е соодветно на јазот во плати од 12 проценти.

Тоа го покажува инфографиконот изработен во рамки на проектот „Herose and sheroes“: Знаења за анализи и застапување за еднакви плаќања на жените и мајките во Македонија“ на Институтот за економски истражувања „Финанс тинк“.

- Во Македонија жените во просек заработуваат 12,5  проценти помала плата од мажите. Кога ќе се земат предвид  карактеристиките како образование, стаж, возраст и во кое занимање се профилираат овој јаз се зголемува на 17,3 проценти. Кај населението пак со најмногу основно образование овој јаз достигнува до 28 проценти. Тоа значи  дека жените за работа со иста вредност заработуваат помалку од мажите, изјави Благица Петрески од „Финанс тинк“, во чија организација денеска во Скопје се одржува економски форум на тема „Родово еднакви плати з апоголем економски раст“.

Како што е наведено на инфографикот, мажите земаат поголеми плати од жените според возраст, стаж и големина на претпријатие, со исклучок на лицата со работен стаже меѓу 30 и 34 години каде жените имаат шест проценти поголема плата.

Најголем дел од родовиот јаз кај платите, според истражувањата, е поради големата неактивност на жените на пазарот на труд. Дел од  мерките треба да бидат насочени токму кон поттикнување на активноста на жените на пазарот на труд, надминување на стереотипите за машка и женска професија, а важна е, истакна Петрески, и поддршката од семејството и партнерот.

- Кога жената поактивно би се вклучила на пазарот на труд може да имаме поширок  избор на понуда на пазарот. Жените не се со полоши карактеристи од мажите и не седат дома затоа што не се образовани или немаат добри карактеристики, туку напротив резултатите пoкажуваат  дека се пообразовани но заради одредени причини  останеле неактиви. Преку нивната активација најпрво може да очекуваме поголема понуда на работна сила, а од друга страна и поквалитетна и на тој начин да придонесеме за поттикнување на економскиотг раст, рече Петрески.

Решенија за намалување на родовиот јаз што се препорачуваaт со проектот се зголемување на минималната плата, особено во текстилната и кожарската индустрија, поголем број градинки, воведување флексибилно работно време, право за скратено работно време на родител на новородено дете, татковско платено отсуство... Се препорачува зголемување на учеството на жените во стручното обарзование, родова еднаквост во приватниот сектор и контроли за намалување на родовиот јаз,  како и национална кампања за зголемување на свеста кај граѓаните со цел намалување на негативните последици од роодвиот јаз во плати.

Со веб платформата edplako.mk што ја изработиле „Финанс тинк“ на компаниите им е овозможено да ги тестираат своите системи дали се фер плаќачи, а на поединци која е нивната фер плата без оглед дали се работи за маж или жена. Во компаниите за кои се покажало дека се фер плаќачи, како што рече Петрески, на големо изненадување се во машкиот сектор, во градежништвото, ИТ, печатарска индустрија,...

- Имаме и мажи и жени архитекти и проектанти, а повеќе од проектантите се жени, но во делот на тешката физичка активност мора да имаме машка популација, изјави Драгана Чифлиганец, извршен директор на „Адора инжинеринг“, компанија во која според истражувањето родовиот јаз во платите изнесува нула проценти.

Проектот на „Финанс тинк“ е поддржан од Централноевропската иницијатива КЕП Австрија, со средства од Австриската развојна фондација.