„Јавна соба“ се уште е активна со над пет илјади членови
Групата „Јавна соба“ на Телеграм повторно активна. Експлицитни фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки се споделуваат со околу 5.600 членови на групата.
22-годишна девојка од внатрешноста на Македонија се обрати до Сител. Нејзин пријател ја предупредил дека во групата биле објавени една нејзина фотографија од Фејсбук и уште две експлицитни од девојка која наликувала на неа. Пријавила во полиција, но оттаму само и рекле дека вакви групи имало многу.
Полицијата е известена за случајот, но недобивме конкретен одговор што точно преземаат надлежните.
-Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика презема соодветни мерки и активности во врска со случајот, кратко одговорија од МВР.
Од здруженијата кои се занимаат со сексуално насилство велат дека групата всушност никогаш не ни згаснала. Се појавиле повеќе групи со исто или слично име и со иста цел, објавување фотографии од девојки и споделување нивни лични податоци.
-За целиот проблем со „Јавна соба“ е токму непостапувањето на институциите. „Јавна соба“ е кривично дело кое што брои над 100 жртви. Кое било друго кривично дело со над 100 жртви ќе беше фокус на целата држава. На овој начин се обесхрабруваат жртвите да проговорат, да побараат правда во институциите, да имаат доверба во системот и да го јакнеме системот на тој начин, од една страна, и од друга страна се мотивараат идни насилници и злосторници кои што гледаат дека многу лесно поминуваат за овие кривични дела, вели извршната директорка на Коалицијата Маргини, Ирена Цветковиќ.
Пред точно една година беше откриена првата ваква група со над 7.000 членови на руската апликација за комуницирање. Откриен беше креаторот, но случајот е заглавен во правосудните лавиринти. Сител се обиде да добие став од Основното јавно обвинителство до каде е стариот, но и дали воопшто преземаат нешто за новиот случај. Засега одговор не добивме.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар