Македонија
30. March 2018 - 15:24

Јавна расправа за Предлог-стратегијата за култура на матичната собраниска комисија

Претставници од културата што денеска учествуваа на првата јавна расправа за Предлог-националната стратегија за развој на културата 2018-2022 организирана од матичната собраниска комисија веруваат во нејзината добра намера да се поправат состојбите во дејностите што нив ги засегаат, но сметаат дека содржи и многу општости наместо конкретни мерки и рокови со кои ќе функционира.

Приоритети на документот се демократизација и децентрализација на културата, партиципативност и инклузивност, како и департизација и деполитизација од кои, според учесниците, културата во изминатите години трпела и најголема штета.  За да се избегнат, според нив, треба да постојат јасни критериуми за вработувања во институциите, што подразбира стручни компетенции и соодветно образование.

Според режисерот Александар Поповски, добро е што доминира зборот демократизација зашто, рече, години наназад се зборува за ослободување на културата од политиката.

- Таа деконтаминација во културата е многу важна, но за такво нешто ни се потребни конкретни работи кои не ги гледам на тој начин во стратегијата. И претходната беше полна со убави зборови, но им треба многу поконкретни работи со кои ние ќе ја менуваме и редефинираме и ако нив ги нема  постојано ќе пливаме во исто, рече Поповски.

Во однос на неговата дејност, театарот, забележа што планот и програмата за работа на еден уметнички директор на театар мора да помине низ комисии во Министерството на одобрување што, рече, е замена на тези за одговорност.

- Ако има човек што води институција, тој има четиригодишен план и своја програма со која одговора пред министерот, а не да оди низ милион филтри како што се комисиите. Неважно е колку внатре ќе бидат Албанци, Турци, Македонци. Не треба комисија, зашто директорот има своја одговорност за програмата. На тој начин можеме да зборуваме за демократизација и ослободување од политика, рече Поповски.

Директорите на Националниот конзерваторски центар и на Музејот на Македонија, Мемет Селмани и Гордан Николов, со заеднички став дека треба да се преиспита целта на постоењето на Управата за заштита на културното наследство зашто, според нив, таа се претворила во институција сама за себе и дека се меша во проекти за кои се надлежни конзерваторските центри. 

- Во последната декада финансиите одеа кај УЗКН наместо за физичка заштита на културните добра кои пропаѓаат и таа имаше девет пати повеќе средства од сите други установи за заштита заедно, рече Селмани кој побара и формирање државен инспекторат за културно наследство.  

Љупчо Тодоровски, претседател на Асоцијацијата на филмски професионалци и ТВ-работници рече дека стратегијата само констатира загрижувачка состојба поради постоењето на само пет кина и 14 киносали во домовите за култура во кои има повремени проекции, но не предлага мерки, план и рокови за развој на киномрежата.

Тој побара и неселективна ревизија на филмските проекти за кои нема отчетност како завршиле, а за лиценците за продуценти праша дали ќе бидат за истите партизирани продуценти, како што рече, одговорни за десетмилионска загуба. 

Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија забележа што во предлог-стратегијата не се спомнува заштита на современата архитектура која, рече, со проектот „Скопје 2014“ била и најмногу девастирана.

- Само една реченица има за архитектурата. Нема никаква ревизија и анализа што се случуваше со архитектурата која десет години го имаше најголемиот удар, рече Пановски. 

Поголем буџет за култура, донесување закон за театар, одвојување на музичко-сценската дејност во одделни дејности музика и танц, бенефициран стаж за дувачите во оркестарот, музички институции во Битола, Штип и Тетово за да се растовари Македонската опера и балет, изедначување на платите за исти работни места кај музејските работници и враќање на теренските дневници што им се укинати во 2008...  беа дел од предлозите на јавната расправа, чија цел е од забелешките и сугестиите да се подобри текстот на Предлогот до втората јавна расправа и пред неговото усвојување во Парламентот.