Џет-Сет
4. September 2017 - 11:41

Јапонската принцеза се откажува од ројалистичкиот статус за да се омажи за „обичен“ граѓанин

Јапонската принцеза Мако и официјално ја објави својата свршувачка за еден „обичен“ граѓанин, откако за тоа добила согласност од јапонскиот император Акихито, нејзиниот дедо.

Ваквата одлука значи дека Мако се откажува од својот досегашен ројалистички статус, што значи дека нема повеќе да биде принцеза, не ќе може да живее во империјалната палата и ќе се издржува само од својата плата и од средствата што двајцата млади ќе ги остваруваат со свој труд, како и секое друго јапонско семејство.

Според контроверзниот јапонски закон за имепраторското семејство, женските членови на семејството го губат својот статус доколку се омажат за некој кој нема ројалистичко или аристократско потекло, но таа одредба не важи за машките членови од семејството.

На јавна прес-конференција во Токио, принцезата Мако признала дека се одлучила на една ваква „жртва“ затоа што „не можела да и одолее на насмевката на својот избраник“ Кеи Комуро.

- Уште како дете ме воспитуваа и подучуваа што може да ми се случи доколку не се придржувам на империјалните норми, но овде станува збор за мојот живот, им изјавила Мако на новинарите, придружувана од својот иден сопруг.

Комуро има 25 години и работи во една угледна јапонска правна фирма во Токио. Со принцезата се заедно пет години, откако се запознале на факултетот на кој и двајцата студирале.

Мако, која е родена во 1991 година, е најстарото дете на принцот Фумихито, помлад брат на јапонскиот престолонаследник, принцот Нарухито.

Медиумите во Токио пишуваат дека се очекува свадбата да се одржи во текот на идната година.