Македонија
7. September 2023 - 16:41

Јанушев ја доби последната пресуда според членот од Законот за злоупотреба кој сега се брише

Две години условна казна за пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и екс директорот на ЈСП, Игор Јанушев.

Кривичниот суд го прогласи за виновен во предметот ,,Дизајн'', што се однесува на набавката на двокатните автобуси во 2010 година. Но ниту Јанушев, неговите адвокати, а ниту обвинителката на овој предмет Лиле Стефанова денеска не се појавија во судницата да ја слушнат пресудата. Судијата Осман Шабани го прогласи за виновен Јанушев пред празна судница. 

- “Дизајн” најверојатно е меѓу последните судски предмети по кои судиите се водат од стариот Кривичен законик. Но бидејќи се случува во 2010 година, веќе се поминати десет години, според новите законски измени тоа е веќе застарено. 

Откако претседателот Стево Пендаровски, ќе даде “амин” на новите измени и тие ќе се објават во Службен весник, адвокатите на Јанушев ќе може да побараат и бришење на делото.

Но Јанушев, за Сител вели ќе се жали во Апелација бидејќи не се чувствува за виновен, сака да ја докаже невиноста пред судот, а не делото да му биде застарено. На пресудата не присуствувал зошто не бил известен за кога била закажана.

Претходно за ова дело осудени на условни казни беа екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски и уште две други лица за злоупотреба на службената положба.

Но не само овој предмет, со законските измени од вчера ќе застарат и повеќе предмети кои беа отворени од СЈО. Меѓу нив и предметот ТНТ каде екс премиерот Груевски е осуден на 9 години затвор за злоупотреба на службената положба, како и предметот Траекторија поврзано со сомневањета за криминалот за кинеските автопати.

Со измените и екс директорот УБК, Сашо Мијалков му се симнува од товар предметот Таргет-тврдина. Тука се вклулчени и предметите Титаник, Титаник 2, Трезор, Талир и уште неколку од понизок профил, каде се гонат поранешни функционери од опозицијата, но законските измени може да ги засегнат и владиниот екс секретар Драги Рашковски, Мухамед Зеќири, како и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко и предметите и обвиненијата кои се водат против нив.

Со новите измени на Кривичниот законик, во став 3 од членот 353 за злоупотреба на службената положба досега казната беше најмалку 3 години затвор, а отсега се предвидува казна од една до четири години затвор. За делото злосторничко здружување, казната за основачот на групата е намалена на максимум до 3 години, а претходно истата беше од една до 10 години. 

Додека казните за функционерите се ублажуваат, се заострува казнената политика за дела поврзани со заштита на животната средина. Па така додека за злосторничко здружување не може да се добие казна повисока од три години, максимални 10 години затвор може да се изречат за ловење, тргување или препарирање на диви животни од поголема вредност.

Се воведува и ново кривично дело – ,,екоцид'', за кое потенцијалната казна е доживотен затвор а се предвидуваат и построги казни за ново воведеното дело ,,безобзирно управување со моторно возило''.