Јаневска: Во образованието почнува да се реализира она што требало многу порано, се движиме добро

Во образованието ќе продолжат инвестициите во 2026 кога се планираат 166 во инфраструктурата, ќе има поголем буџет за наука, во март покачување на платите на наставниците во основно и средно меѓу 7,5 и 10 проценти, значајни промени во средното стручно образование, нов концепт на државна матура со два типа - стручна и гимназиска, нови закони за високото образование.
На средба со новинарите денеска ресорната министерка Весна Јаневска рече дека процесите се движат добро и е задоволна што почнува да се реализира она што требало многу порано.
- Имаме учебници на кои учениците и наставниците не се жалат, има по некоја поплака но оваа година ќе биде поинаку. Направивме многу - седум закони имавме, а спремни се следните седум. Не секогаш од министерството и од министерот зависи како ќе се одвиваат работите, но јас се надевам дека ќе се одвиваат во најдобар ред, рече Јаневска.
Во 2026 ќе продолжи воведувањето едносменска настава - досега 200 е бројот на училишта што се опфатени. Етапно ќе се воведува електронското свидетелство.
Континуиран раст на буџетот има и за науката во која, рече, Јаневска, е направен добар исчекор и додаде дека е горда што во извештајот на Европската комисија првпат има позитивна оценка.
Како што претходно беше соопштено, новиот закон за високо образование до крајот на годинава треба да биде поставен за дискусија на Електронскиот национален регистар на прописи. Нацрт-верзијата е готова но, рече министерката, треба да го одобрат стручни лица пред да биде поставен на ЕНЕР заедно со Законот за квалитет во високото образование и Законот за научно-истражувачка дејност.
Меѓу најзначајните новини со новата легислатива се и построгите критериуми за напредување во академски звања и за реизбор на универзитетските професори.
Поради неисполнување услови и неправилности, досега се затворени 14 институти и контролите продолжуваат и наредната година. Како што рече Јаневска, потешко оди со одлуките за затворање факултети поради недоречености во актуелниот закон за високо образование и се очекува тој проблем да се надмине со новиот закон.
Јаневска посочи дека ќе има нов софтвер за plagijati.mon.gov.mk - алатката за откривање препишани трудови и најави т.н. „ѕид на срамот“ на кој ќе се објавуваат несоодветни трудови зашто на разни универзитети, рече, поминуваат магистратури и докторати кои се на ниво на ученички трудови.
На средбата со новинарите министерката информираше и дека во напредна фаза е решението за довршување на објектите за ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во близина на Ректоратот на УКИМ.
Работна група на Градежниот факултет, во која е вклучен и ИЗИИС, направила анализа и следната недела ќе биде објавен тендер за репроектирање. Кога ќе биде готов ќе има оглас за изведувач на градежните работи.
Објектите нема да имаат барокна туку модерна фасада и, според новиот проект, предвидено е двата да бидат споени со мост.
МИА
Ново на Сител
-

Собранието ги донесе законите со кои се намалуваат платите на пратениците и избраните и именувани лица
-

Од лидер на средношколците до вицепремиер | Александар Николоски | Sitel Podcast 140
-

Апелација пресуди во корист на Анѓушев, одбиена жалбата на ИРЛ
-

Силекс полуфиналист во фудбалскиот Куп на Македонија
-

Владата на Швајцарија ќе им исплати по 56.000 долари на жртвите во пожарот во Кранс-Монтана
-

83-годишен дедо од Битола измамен за 10.000 евра, платил за наводна итна операција на внуката
-

Сообраќајка помеѓу возило на МВР и такси во Црниче
-

Одложени судските рочишта против Мерко за плочата и осветлувањето на Дрим
