Македонија
9. August 2019 - 16:40

Јанева тврди дека функционери водат хајка против неа, Стефанова ја обвини дека наредила затворање на случаи

Катица Јанева потврди дека нејзиниот глас се слуша во снимка од разговор меѓу Боки 13 и Камчев.. Во писмена изјава објавена преку интернет страницата на СЈО, Јанева вели дека ја слушнала снимката ама е фрапирана како нејзините постапки се поврзуваат со случајот „Рекет“.. Објаснува дека како специјален обвинител и било обврска да комуницира со осомничени и други лица во врска со постапки кои ги води СЈО за да извлече што поголем број информации.. Но вели дека никогаш не тргувала со никакво влијание или спротивно на законот..

„Обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина“, пишува Јанева..

Во својата писмена изјава, таа вели дека СЈО има десетина истраги подготвени за брзо процесирање со кои многу нешта ќе бидат појасни за јавноста, кои смета дека биле повод за оваа хајка..

„Во тие истраги се осомничени и се надевам дека ќе бидат обвинети многу поранешни и сегашни функционери во власта и значајни личности во партиите, па од таму е јасно зошто некој со сите сили и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози мојот и кредибилитетот на СЈО како и на сите други обвинители, а со тоа се обидува да ги уништи кривичните предмети кои се водат во обвинителството“, вели специјалната обвинителка..

Кратко по изјавата на Јанева, со писмен допис се огласи и обвинителката Лиле Стефанова која го води предметот „Империја“.. Таа директно ја обвини Јанева дека без нејзина согласност и на своја рака донесувала одлуки за осомничените во случајот..

„Одлуката да биде дадена согласност за издавање на времена патна исправа на осомничениот Јордан Камчев, Катица Јанева ја донела во време кога јас користев годишен одмор и за истата не ме извести. За оваа одлука дознав од обвинителката Елизабета Јосифовска, кај која било донесено на потпис писмено изготвено мислење“, открива специјалната обвинителката Лиле Стефанова..

Таа додава дека на состанок меѓу неколкумина обвинители од СЈО што се одржал во средината на април годинава, обвинителката Катица Јанева побарала во рок од три недели да се затворат предметите Империја и Поштенска банка, а осомничените да се ослободат од кривична одговорност..

„Конкретно, ни беше наложено, најкасно до 6 мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата  во двата предмети кои осомничените треба да ја платат на државата, по што предметите „да бидат тука затворени“ и осомничените „да не одат во затвор“, информира во писмената изјава обвинителката Стефанова..

Од државното обвинителство за Сител велат дека се уште трае истражната постапка за случајот со прибирање материјални и вербални докази..

„Обвинителството постапува неселективно и ја уверувам јавноста дека секој што е инволвиран во конкретното дело ќе биде сослушан или испитан и по целосно расчистување на истрагата, согласно законот, ќе се донесе јавнообвинителска одлука“, објаснува републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески..

Тој додава дека за конкретниот случај, обвинителството поседува и докази со видео и аудио снимки..