Македонија
8. May 2020 - 11:56

Јанева: Камчев како да знаеше за ПИ мерките за „Империја“

 Обвинителката Лиле Стефанова од моментот кога е избрана до ден денеска ја има мојата целосна поддршка за работа и за водење на истрагата за предметот „Империја“, изјави денеска во судот Катица Јанева, каде сведочи за предметот „Рекет“ во кој е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување.

За предметот „Империја“, нагласи Јанева, веќе нема човек што не го знае, но нагласи дека тоа не е приказна, туку работа.

– Во 2017 година повторно почнавме да даваме таргети за прислушување. За предметот „Империја“ се собираа разговори и се почна со еден разговор меѓу Дејан Панделевски и Миле Јанакиески за купувањето на земјиштето позади Рамстор. Орце Камчев за цело време доаѓаше во СЈО и прашуваше дали е таргет, но заборави да праша дали неговите миленички на кои редовно се исповедаше се таргети, рече Јанева.

Предистражната постапка за предметот „Империја“, според Јанева, се водела десет месеци од обвинителката Лиле Стефанова.

– Лиле Стефанова од моментот кога е избрана ја има мојата целосна поддршка за работа и беше пример како најискусна за водење на истрагата за Империја, кажа Јанева.

Нагласи дека од доказите обвинителката Стефанова ја известила дека има основа да побараат ПИ мерки и тоа судијката ги прифатила.

– Но, по сведочењето на Камчев, изгледа дека судијката Весна Димишкова, која ги прифати ПИ мерките како да се консултирала со некого. Од собраните материјали од ПИ мерките, обвинителката Стефанова, ми рече дека има доволно докази да се отвори предметот. Но, Камчев ништо не зборувал и како да знаел дека е прислушуван, изјави Јанева.

Посочи дека од претресот во домот и фирмата на Камчев, истражителите укажале дека затекнатите како да не биле изненадени за претресот, а телефоните биле заменети.

– Во домот на Камчев за време на претресот бил и сега осудениот Зоран Милевски, кој имал задача да ги замени телефоните, изјави Јанева.