Македонија
22. September 2019 - 16:47

Јанева барала пари од заеднички фонд на обвинителите во СЈО за нејзина одбрана

Ново писмо од Катица Јанева пристигнало на „Рузвелтова 34“.. Според информации на Сител, поранешната специјална обвинителка во писмото навела неколку барања.

Освен да ги добие личните предмети, Јанева пишувала и за таканаречениот „заеднички фонд“ на специјалното обвинителство, со кој таа лично управувала.

Неофицијално сакала тој буџет да се користи за покривање на трошоци за нејзина одбрана во текот на кривичната постапка.

Адвокатот на екс шефицата на СЈО, Ирена Фрчкоска, вели дека нема информации оти нејзиниот клиент испратил писмо со кое бара за нејзина одбрана да се користи „заедничкиот фонд“ на вработените во обвинителството.

Новото писмо на Јанева никој во СЈО не сака да го коментира, но неколку обвинители потврдија дека вработените во обвинителството одделувале пари за фонд кој се користел за заеднички потреби..

Поранешната специјална обвинителка, откако помина 30 дена во притвор во вторник повторно ќе се појави на распит во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.. Таа прв пат ќе се соочи со Вилма Русковска како осомничена во случајот Рекет.

Утре на распит е повикан и првоосомничениот во овој случај, Бојан Јовановски. Неговиот адвокат вели дека распитот ќе се однесува за „Рекет“, само во однос на сомненијата поради кој е во притвор, но не и на други околности бидејќи истрагата не е проширена.

Јовановски, Милевски и Јанева се осомничени за примање награда, злоупотреба на службена положба и перење пари.

Според истрагата, заеднички влијаеле бизнисменот Орце Камчев да биде ослободен од притвор, за што тој платил 1,5 милион евра.