Свет
3. December 2016 - 9:28

Јахја Џамех го прифати изборниот пораз на изборите во Гамбија

Гамбискиот лидер Јахја Џамех, кој одамна вети дека ќе владее со таа мала западноафриканска земја „милијарда години“ го прифати поразот на претседателските избори, 22 години откако со воен удар дојде на власт. 

Џамех вчера во обраќањето, кое го пренесуваше гамбиското државно радио изјави дека нема да ги оспори изборните резултати, кои покажале дека опозицискиот кандидат Адам Бероу победи. 

Гамбиската Централна изборна комисија соопшти дека на завчерашните претседателски избори победи кандидатот на опозицијата Адам Бароу. За него гласаа 45,5 проценти од граѓаните или 263.515 луѓе. Џамех освои 36,6 отсто или 212.099 гласа. На трето место е кандидатот Мама Канде со освоени 17,8 проценти или 102.959 гласа.

И тројцата кандидати се родени во 1965, годината кога Гамбија прогласи независност. Гамбија е поранешна британска колонија.

Во Гамбија право на глас имаат 890.000 граѓани од вкупно два милиони жители.

По објавувањето на резултатите граѓаните излегоа на улиците ширум земјата. Џамех е обвинуван за корупција и кршење на човековите права, а неговиот режи преживеа голем број обиди за државен удар. 

Бароу беше поддржан од седум политички партии. Тој вети враќање на демократијата во земјата и ослободување на сите политички затвореници. Бароу е бизнисмен и посебно популарен меѓу невработените млади лица.