Балкан
6. March 2016 - 11:28

Јагланд: Турција има обврска да ја штити слободата на медиуми

Генералниот секретар на Совет на Европа, Торбјорн Јагланд вчера изрази загриженост поради преземањето на контролата на опозицискиот весник „Заман“ од страна на турската Влада и ја повика Анкара да ја почитува правната обврска за заштита на слободата на медиуми.

- Судската одлука за именување на администратор на медиумската група „Заман“ претставува уште еден загрижувачки настан кога станува збор за слободата на медиуми во Турција. Насилството пред седиштето на „Заман“ во Истанбул исто така загрижува, наведе Јагланд.

Тој потсети дека Турција е основачка земја-членка на СЕ и потписничка на Европската конвенција за човекови права, која мора да се придржува кон преземените обврски.

- Ги повикувам турските власти да ја почитуваат својата правна обврска за да ја заштитат слободата на медиумите, посочи Јагланд.

И Европската унија вчера изрази загриженост поради развојот на настаните во Турција по повод преземањето на контрола врз „Заман“, истакнувајќи дека земјата како кандидат за членство во ЕУ треба да ја почитува слободата на медиуми.

САД изразија загриженост од одлуката на турските власти да преземат контрола врз најтиражниот весник во Турција.

- На ова гледаме како на последно од серијата загрижувачки судски и незаконски дејствија, преземени од турската Влада и насочени против медиуми и други лица, кои ја критикуваат. Ние сме загрижени од ваквите информации и ја повикуваме Владата на Турција да ја почитува слободата на медиумите, изјави вчера портпаролот на Стејт департментот Џон Карби.

ОН, исто така, побара од Турција да ги почитува слободата на средствата за масовна информираност и правото на луѓето да го изразат своето мислење.

Главна вест денеска во истанбулскиот весник „Заман“, во првото издание откако е под контрола на турските власти, е присуството на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на церемонијата по повод одбележување на клучната фаза во изградба на мост во Истанбул.

Турските власти во петокот презедоа контрола врз весникот, кој го поддржува влијателниот противник на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, Фетулах Ѓулен, кој живее во САД.

Именувани се нови уредници на „Земан“ по барање на турскиот суд. Овој потег против весникот е направен откако полицијата притвори бизнисмен поради наводно финансисрање на „Ѓуленовата терористичка група“, како што изјавија обвинителите.

Ердоган го обвинува Ѓулен дека подготвува заговор против власта, градејќи мрежа од приврзаници во судството, полицијата и медиумите. Ѓулен ги отфрла ваквите обвинувања.

- Ова е крај на медиумската слобода во Турција. Медиумите секогаш биле под притисок, но никогаш не било толку јавно како сега. Преземањето на весникот е противуставно, посебно ако нема основа за такво нешто, истакна Севги Акарчесме, уредник на весникот „Тудејс Заман“.

Поради преземање на контролата врз „Заман“ вчера пред седиштето на весникот во Истанбул протестираа илјадници луѓе. Турската полиција употреби солзавец и водени топови со цел да ги растера демонстранти.

Демонстрантите извикуваа „Слободниот печат не може да се замолчи“. Неколку стотина демонстранти се обидоа да ја спречат полицијата да влезе во зградата на весникот. Полицајците сепак успеале да се провлечат до редакцијата.