Бизнис
25. March 2019 - 16:51

Извозот кон Русија се одвива без пречки

Македонските камиони непречено носат производи во Русија откако таа држава го призна новото уставно име на земјава, тврди министерот Николовски. Вели дека во последниот период забележан е раст на извозот кон Русија, особено на земјоделските производи и цигарите.

Од Македонската руска комора, која слави 14 години постоење, велат дека во иднина максимално мора се работи на намалување на големиот дефицит во трговската размена меѓу двете земји. И тоа во услови на сложена економска состојба во светот.

- Но, токму тоа е нашиот мотив за посилен поттик на македонските извозници кон рускиот пазар, особено на оние кои се производители на земјоделски производи и пијалаци, рече претседателот на Комората, Ѓорѓи Дика.

Рускиот амбасадор посочи дека се разгледува можноста да се тргне забраната за увоз на земјоделски производи од земјава поради користење пестициди кои се забранети таму. Лани одгледувачите на праски претрпеа големи загуби поради ваквата забрана.

Трговската размена помеѓу двете држави е далеку помала отколку со земјите од Европската унија. Лани извозот кон земјите од ЗНД бил само 45 милиони, а увозот над 245 милиони евра.