Македонија
5. July 2020 - 10:01

Извлечени 15-те најсреќни добитници на награда од по 100 илјади денари кои скенирале сметки во април, мај и јуни

Валентина Ѓуроска, Нацо Запров, Јуле Тасевска Марков, Наталија Грчева, Сузана Антовска, Слаѓана Јовческа, Виолета Георгиева, Славица Димоска, Сузана Димитрова, Ивица Јаначков, Наталија Велиновска, Влатко Масалковски, Мухамед Мамуди, Јасмина Каранфиловска и Ванчо Ѓорѓевски се граѓаните кои беа извлечени во саботата, во вечерниот термин на Канал 5 ТВ.

Петмина од наградените во петтото коло се од Скопје, по двајца добитници се од Струмица и од Битола и по еден од Прилеп, Гостивар, Охрид, Крива Паланка, Струга и Тетово.

Во останатите кола до крајот на годината, односно од август до декември, месечните награди ќе изнесуваат 20.000 денари и секој месец ќе се доделуваат по 15 награди.

Инаку граѓаните, преку МојДДВ #МојаНаграда, од први јули, скенираат сметки за три пати повеќе дневни награди од порано, односно до крај на годинава секој ден ќе се доделуваат 30 награди од по 1.000 денари.   

Извлекувањето на втората премија, ќе се одржи во декември, а истата ќе изнесува 1.000.000 денари, наместо 3.000.000 денари, како што беше првично планирано.

Доделување на повеќе дневни наградни, но во помал износ во овој период ќе претставува мотив за граѓаните да скенираат фискални сметки и да влијаат на намалувањето на сивата економија. Дополнително намалувањето на износите на месечните награди како и главната награда ќе овозможи сепак да продолжи наградната игра со поставените цели, но со помали износи на награди што пак ќе овозможи одвојување на одредени средства за поддршка за Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Ковид-19. 

При тоа 9,7 милиони денари од наградниот фонд ќе се насочат кон солидарните фондови на Министерството за здравство и Владата за здравствени и социо-економски мерки.

Граѓаните кои скенираат сметки и понатаму ќе имаат трикратна корист - ќе придонесат во борбата против сивата економија, ќе добијат поврат на ДДВ, како и можност за вредна награда. 

 Во првото полугодие годинава скенирани се над 85 милиони фискални сметки.