Македонија
10. August 2022 - 16:40

Извештај: Ковид набавките оставаат простор за корупција

Извештајот за јавни набавки за заштита од Ковид 19, објавен од центарот за граѓански комуникации покажува дека една институција набавила брз антиген тест по цена од 118 денари за тест, додека пак друга, истиот тој тест го набавила за 420 денари. Сите три институции коишто набавиле вакви тестови имаат слични количини, но разликата во цените за еден тест изнесува два и пол пати. Во сите случаи, проценетата вредност е определена на значително повисоко ниво од реално постигнатата цена на пазарот. Во еден случај таа е дури 4 пати повисока од постигнатата цена на тендерот.

Еден од најочигледните примери е набавката на заштитни маски, и тоа 5000 парчиња Н95 и 100.000 медицински, за што институцијата предвидела проценета вредност од 2.360.000 денари со ДДВ, за на крајот да биде постигната цена од само 127.558 денари.

-И натаму има големи разлики во цените за исти производи, набавени во ист временски период, што се движат и до 500 отсто, при набавката на реагенси, постои долгорочна зависност од фирмата чиј апарат за тестови го користи институцијата што содржи ризик од плаќање високи цени за реагенсите и можност за корупција, а постои и слаба документираност на и онака нетранспарентните постапки со преговарање без објавување оглас, ангажирањето надворешни лица и фирми за спроведување на јавните набавки носи високи ризици од судир на интереси и корупција, покажува Извештајот. 

Според истражувањето како набавки за Ковид 19 се купувани производи кои не се во врска со пандемијата, како пример за тоа е службено возило со кожен волан, шест звучници и металик боја.

Извештајот е изработен врз основа на длабински мониторинг на 40 постапки за набавка на стоки и услуги за заштита од Ковид-19. Опфатените постапки изнесуваат 52 проценти од сите тендери за време на мониторингот, вкупно 77 тендери. Вредноста на мониторираните тендери изнесува 1,25 милиони евра, што е 30,4 проценти од вкупната вредност на тендерите кои изнесуваат 4,1 милиони евра, наведува Центарот.