Македонија
28. December 2019 - 12:04

Изминатата недела во Скопје отстранети 332 непрописно паркирани возила

Во текот на изминатата недела, во периодот од 19 од 26 декември, со специјалните возила пајак во Скопје се подигнати вкупно 332 непрописно паркирани возила, од кои 59 се отстранети од зонските паркиралишта, а преостанатите 273 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци – паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин,  тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.

Контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно  485 возила, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг -услуга. Од нив, 59 возила се отстранети со пајак службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.

Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.

– Апелираме сите корисници на услугите за паркирање, навреме да го регулираат плаќањето за паркинг услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг – услугата може да се изврши преку СМС порака или со греб картичка, се наведува во соопштението на Град Скопје.