Измените на Законот за легализација на дивоградбите ќе почекаат да поминат изборите
Секој објект од втора категорија, изграден после 1-ви јануари 2021 година без одобрение за градба, со новиот Закон за бесправно изградени објекти ќе се третира како дивоградба и не ќе може да биде ставен во правна рамка. Ваквите објекти се под ингеренција на локалните самоуправи, но во некои општини има недостаток или воопшто немаат градежни инспектори.
- Општините треба да санкционираат, да излегуваат на терен, да работат и да соработуваат меѓу себе, онаму каде што нема доволен број на градежни инспектори да си даваат поддршка преку договори за соработка помеѓу една и друга општина, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
Законот за легализација на дивоградбите е изготвен и доставен до Владата на усвојување, по што ќе оди во Парламентот.
- Не очекувам да се донесе до завршување на изборите, зашто Собранието ќе оди на пауза која што е загарантирана поради локалните избори, додаде Бочварски.
После дополнителната дебата, во предлог Законот се инкорпорирани 11 барања од стручната јавност и поголем процент од забелешките преку системот ЕНЕР.
- Тоа е прашање кое што, разговарајќи со моите колеги од регионот, го имаат како решение и во Црна Гора и во Србија и во Хрватска, во сите околни земји и размислуваат за такви решенија кои се од важност за граѓаните, изјави Бочварски.
Бочварски и првиот човек на ЈП за Државни патишта денеска извршија увид во градежните работи на втората делница од експресниот пат Штип- Радовиш, при што од изведувачот добија уверување дека обиколницата ќе биде ставена во функција за 30-тина дена.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар