Македонија
15. January 2020 - 16:39

Измамници тргуваат со податоци украдени од ПИОМ

Измамник се јавувал кај граѓани и барал пари за наводно да им врати заостанати пензии на нивни блиски. Информацијата која излезе на социјалните мрежи ја потврдија и од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Неофицијално досега има 15-тина граѓани кои биле исконтактирани од машко лице кое се претставило  дека е вработен во ПИОМ.

-Кажа дека има увид за мојот покоен таткодека му немаат исплатено 397.000 денари и доколку во рок од 24 часа се испратат по автобус фотокопија од извод на родени, трансакциска сметка и 1870 денари и 100 денари на возачот веднаш на нашата трансакциска ќе легнат парите, напиша скопјанка на Фејсбук.

И други лица потврдија дека биле исконтактирани од истиот човек кој се обидел да ги измами на сличен начин.

-И мене ми се јави само што ми кажа дека можам да подигнам 180.000 денари од ПИОМ и му треба одобрение од мене. Му кажав да размислам и ќе го барам за кратко и веќе не се јавуваше на мобилен, напиша друга “жртва” на измамникот.

На социјалните мрежи беше напишан и неговиот број, но и по повеќе звонења никој не одговори на нашите повици.

Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување осигурување потврдија дека граѓани реагирале и кај нив, по што случајот го пријавиле на истражните органи.

-Во текот на месец ноември 2019 примени се вкупно шест пријави/приговори од страна на граѓани поединечно против извесно лице Илија Павловски, Фондот по истите пријави има постапено со поднесување на соодветна пријава до надлежните државни институции, се вели во одговорот од ПИОМ.

Но, од Фондот нема објаснување дали лицето е нивни вработен, како успеал да дојде до личните податоци на осигурениците, до имињата и телефоните на “жртвите” и точно да знае за нивната блиска личност корисник на пензија.

Дополнително збунува фактот што на социјалните мрежи и од ПИОМ посочуваат лица со различни имиња и презимиња. Нејасно е дали станува збор за една личност или се работи за повеќе вакви изманици.

Засега нема многу детали ниту од МВР, од таму само потврдија дека граѓани кои биле “жртви” дошле на разговор кај нив и дадени се насоки за понатамошно постапување.