Македонија
25. October 2019 - 11:47

Изложбата „Темната страна на римската историја“ гостува во Музејот во Подгорица

ЈУ Музеј на град Скопје во периодот од 28.10. до 23.11. 2019 година ќе гостува во ЈУ Музеи и галерии на Подгорица – Црна Гора со изложбата: „Една слика за темната страна на римската историја, Скупи - гробница со масовно погребување / архео - антрополошка и форензичко – антрополошка презентација“.

Изложбата и каталогот се реализирани со финансиска подршка на Град Скопје, а во соработка со Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија, Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија – Скопје и ЈУ Музеи и галерии на Подгорица.

На изложбата ќе бидат презентирани резултатите од истражувањата на едно исклучително и несекојдневно откритие од Југоисточната некропола на римската колонија Скупи (Colonia Flavia Scupinorum). Станува збор за масовна гробница во која биле погребани околу двеста возрасни мажи, некогашни храбри војници, припадници на непобедивата римска воена камарила, од кои повеќето биле насилно усмртени, најчесто со обезглавување/декапитација на жртвите. Изложбата на некој начин претставува пионерски потфат како во однос на мултидисциплинарниот пристап поради паралелната примена на археологијата, физичката и форензичката антропологија, така и поради мултимедијалниот начин на презентација со примена на повеќе класични и современи уметнички дисциплини (фотографија, видео, дводимензионални и тродимензионални реконструкции на лицата ).