Изложба на графики од Пикасо во Младинскиот културен центар
Во галеријата на Младинскиот културен центар вечер ќе биде отворена ексклузивна изложба на дела од големиот шпански сликар Пабло Пикасо, која посетителите ќе може да ја видат до 16 март. Ќе бидат претставени 46 графички дела - факсимили на цртежи, литографии и одделни гравури, од периодот 1932-1969 година. Делата се во сопственост на приватната галерија „Висконти“ од Љубљана.
Сржта збирката, како што информираше директорот на МКЦ Златко Стевковски во пресрет на изложбата, се комплети од оригинални графики, сместени во три мапи, кои денес се ретко видени и достапни дела: „Двојна флејта“ (која содржи 16 литографии - женски и машки актови, мотиви со минотаури и баханалии, појадок на трева, шпански мотив според Веласкез и портретот на сопругата Жаклина...); „Фауна и флора од Антиб“ (мапа со девет литографии) и „Цртежите на Пикасо“ (мапа-книга со 16 факсимили на цртежи од периодот меѓу 1942 и 1946 година).
- Пабло Пикасо создаде еден од најобемните графички опуси, кој можеби нема конкурент меѓу уметниците од 20 век. Непогрешливото познавање на анатомијата и зачудувачката способност за цртање на формите на човечкото тело, со очигледно обожување на убавината на женскиот акт, а и со креациите преполни со хумор и нескротлива животна радост и бесрамна сензуалност, Пикасо се потврдува како генијален виртуоз на линијата, нејзиниот рез, потег со четката..., наведува Младинскиот културен центар, кој еден месец ќе биде домаќин на изложбата.
Нејзин продуцент е Михајло Несторовиќ, а делата се во сопственост на Жива Шкодлар Вујиќ и Лазар Вујиќ од галеријата „Висконти“ во Љубљана.
Изложбата за која влезот ќе биде слободен секој ден од 9 до 21 часот е организирана со поддршка на Министерството за култура, кое најави уште неколку изложби на познати светски автори, како Демијан Хрст (поставка која ќе се реализира во соработка со Британскиот совет), а во МКЦ ова година македонската јавност ќе може да ги види и поп-арт изложбата на Енди Ворхол, дела од Рој Лихтенштајн, Роберт Раушенберг...
Ново на Сител
-
Панел дискусија: Корупцијата во Македонија го попречува патот кон ЕУ
-
Народниот правобранител апелира најитно да се донесе ново законско решение за „балансерот“
-
Трговците ќе мора да ги ажурираат цените на интернет секое утро до 10 часот
-
Кои државни институции го полнат буџетот?
-
Туризмот, образованието и инфрастуктурата - фокус на соработка со Обединетите Арапски Емирати
-
Преглед на вестите од светот
-
ДКСК бара ревизија на законите за издавање лиценци
-
Панел дискусија: Борба против корупцијата - иновации против нелегалната моќ