Македонија
21. September 2016 - 8:34

Изложба на Дороти Пачкова во КИЦ на РМ во Софија

Во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија вечер ќе биде отворена проектната изложба „Љубов меѓу мајка и син" од Дороти Пачкова, која првпат ќе се претстави  во Софија со  самостојна изложба.

- Проектот „Љубов меѓу мајка и син" е колаборација помеѓу мајка уметница и нејзиното дете. Проектот нуди интерактивна можност за сите посетители родители и нивните деца на самото место да можат да нацртаат, насликаат, искреираат нешто заедно, нешто кое би ги ослободило од формалноста на создавањето и наметнатиот притисок на односите родители - деца, „вака треба - вака не треба!". Главната цел на овој колаборативен проект е да се даде можност на дечињата и родителите заедно низ уметност да градат животни ставови и меѓусебно да функционираат без при тоа да се задушуваат едни со други, соопшти КИЦ на РМ за изложбата на Пачкова. 

- Оваа интерактивна изложба би не навела на размисли за нови и поефективни начини на родителствување но и на уметникување и со ова би удриле темели за поемпатични, поконструктивни и секако покреативни идни генерации кои би биле отворени да работат на себе си и својата околина, смета авторката. 

Дороти Пачкова (Скопје, 1985) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на Катедрата по сликарство - насока графички дизајн, во класата на проф. Жанета Вангели. Од 2014 г. е магистрант на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје на насока за Родови студии под менторство на Катерина Колозова.

Во присуство на уметницата, изложбата во КИЦ на РМ во Софија ќе ја отвори директорот на Центарот Васко Шутаров. Проектот е дел од Годишната програма на КИЦ на РМ, финаниски помогнат од Министерството за култура.