Македонија
17. March 2017 - 8:25

Изложба и монографија за Свети Владимир

Во организација на Општина Ресен и Домот на културата денеска ќе биде отворена изложбата „Портретите на Светиот Владимир на Балканот од XVII до XX век“ и ќе се промовира монографијата „Светиот кнез Владимир“.

Изложбата, која во декември беше поставена во изложбениот салон на МАНУ, ќе ја претстави проф. д-р, Сашо Цветковски, а за монографијата ќе говорат академик Сретен Перовиќ и Милорад Алексиќ од Црна Гора.

На настанот ќе настапи и хорот „Св. Ахил Преспански“ со интерпретација на црковна византиска музика, а ќе се читаат и фрагменти од стихозбирката „Така љубеше Косара“ од Лидија Дочовска Павловска. 

Отворањето на изложбата и промоцијата на монографијата се продолжение на воспоставената соработка од областа на културата која општина Ресен ја заснова со општина Бар од Црна Гора и општината Елбасан од Албанија.