Бизнис
2. February 2017 - 19:48

Изградбата на брза железница од Белград до Солун од стратешко значење и за Македонија

Брза железница од Солун до Белград. Проектот одново го актуелизираа грчкиот премиер Ципрас и српскиот Вучиќ за кои ова била една од приоритетните теми на средбата што се случи неделава.

Вучиќ изјави дека целта е до 2020 од Будимпешта преку Белград до Солун да се стигне за помалку од 30, наместо за сегашните 49 часа.

Првиот човек на Македонски Железници Транспорт вели дека за Македонија,реализацијата на инфраструткурниот проект ќе биде од големо значење, не само за претпријатието, туку за целото стопанство.

Интерес да го финансира и изгради има Кина која преку државната транспортно – логистичка компанија Коско, го закупи пристаништето Пиреја и, преку Балканот, сака брз железнички транспорт на кинеска стока до Европа.

Идејата за брза железница низ Балканот како дел од кинеска стратегија за натамошен економски пробив во Европа преку обновата на некогашниот “пат на свилата“ подолго време циркулира во политиката на регионот.

Во декември 2014-та, премиерите на Кина, Македонија, Србија и Унгарија потпишаа договор за изградба на брза железница.  Целта на големиот проект е железничкиот транспорт помеѓу овие земји да се одвива со автопатски брзини.