Изгаснат пожарот во депонијата „Мегленци“
Вчера, доцна попладне избувна пожар на депонијата Мегленци во близина на Битола. Депонијата гореше цела вечер, а пожарот заради ветрот се прошири и зафати површина од два хектари.
Јавното претпријатие Комуналец, кои се надлежни за депонијата каде се одлага комуналниот смет од Битола, заедно со РЕК Битола и противпожарната единица од Новаци успеаја да го стават под контрола пожарот. Работата во текот на денот им ја олесни и дождот кој падна попладнево во Пелагонија.
- Успеавме со неколку возила цистерни да почнеме со локализација, а носевме и земја за насип, да направиме како еден вид брани, за пожарот да не се шири, а и да стигниме до самиот центар на жариштето. Цениме дека е многу симптоматично што се случуваат еднаш – два пати годината, но се случуваат во недела во попладневните часови, кога практично ние немаме истовар на отпад на нашата депонија. Единствено останува стражарската служба, изјави Панде Богоевски, директор на ЈП Комуналец Битола.
Бидејќи се сомневаат дека пожарот е подметнат, случајот го пријавиле во полиција. Според директорот, единственото решение е нова, модерна депонија која најверојатно ќе биде лоцирана наспроти сегашната.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
