Македонија
16. August 2015 - 13:46

Иванов се сретна со директорот на Институтот „Егмонт“ од Белгија

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во вилата „Билјана“ во Охрид се сретна со амбасадорот Марк Оте, кој е директор на Кралскиот институт за меѓународни односи на Кралството Белгија „ЕГМОНТ“, еден од најпрестижните институти од овој тип во Европа.

Амбасадорот Оте е еден од предавачите на 6. Школа за млади лидери, што се одржува на иницијатива на претседателот Иванов, а која свечено ќе биде отворена утре.

На средбата, како што информира Кабинетот на претседателот Иванов, разменети се мислења за актуелните геополитички случувања и евроинтегративните процеси на Македонија.

Претседателот Иванов ја поздравил соработката меѓу Кралскиот институт од Белгија и Школата за млади лидери, а разменети се мислења и околу можноста за проширување на соработката помеѓу ЕГМОНТ институтот и други образовни и научни институции во Република Македонија.

Марк Оте искажал задоволство што дел од своето искуство во дипломатијата ќе може да им го пренесе на учесниците на шестата Школа за млади лидери и предложи нови можности за соработка на кои ќе се работи во следниот период. бак/цр/13:44