Македонија
22. November 2016 - 14:09

Иванов-Радев: Договор за добрососедство по изборите во Македонија и Бугарија

Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија не треба да биде пречка за развојот на билатералните односи, бидејќи се две пријателски и соседни држави кои ги поврзуваат многу нешта од минатото и кои имаат заедничка иднина. Ова се заклучоците од денешните средбите во Софија на македонскиот претседател Ѓорге Иванов со неговиот бугарски колега Росен Плевнелиев, и со новоизбраниот претседател на Бугарија, Румен Радев.

- Договорот меѓу нашите две земји се уште не е завршена работа. Веќе поминаа многу години да се изедначи текстот, бидејќи се настојува да постои симетричност во него и двете страни на некој начин да бидат задоволени, изјави Иванов по средбите.

Притоа, изрази надеж дека со изборот на новата влада и од бугарска страна, конечно ќе се решат некои ситни дилеми кои се состојат во зборови и нијанси на формулации со што ќе се заврши овој долг процес на усогласување и ќе го имаме договорот.

- Бугарија е петти трговски партнер на Македонија. Без изградена инфраструктура, без автопатишта, без изградена пруга сме постигнале така висока трговска размена и тоа влијае на нашите две стопанства, на нашите граѓани и за блиските односи меѓу институциите, истакна Иванов.

Посочи дека со своите бугарски колеги бил и останува отворен и голем пријател за сите прашања. - Кога ќе имате разговор и дијалог можете да доаѓате до решение. И сепак, личниот однос, повторувам, е секојпат оној што ги отвора сите врати, нагласи Иванов.

На средбата Иванов му посакал успешен мандат на новоизбраниот претседател Радев и го поканил во официјална посета на Македонија.

- Се надевам дека посетата ќе се оствари и дека тоа дополнително ќе ги поттикне и ќе ги зацврсти односите што веќе ги имаме, рече Иванов.

Шефот на македонската држава работната посета на Бугарија ја оцени како успешна.

- Имав конструктивни и корисни разговори за прашањата кои се во интерес на двете земји и за сите предизвици со кои сме соочени како соседи. Во контекст на тоа го посочи искуството на другите земји во Европа каде има добра регионална соработка.

- Многу корисно ни беше искуството што го имавме со бегалската криза и размената на информации меѓу двете земји, која истакна доверба на нашите институции. Тоа се надевам со новиот претседател ќе продолжи, рече Иванов.

На средбите станало збор и за претстојните избори во Македонија и во Бугарија.

- Не очекуваат избори, треба да избереме ново собрание, нова влада, веројатно веќе напролет и во Бугарија се очекуваат избори, ќе треба и тие да изберат ново собрание и се надеваме дека новите влади и новите министри ќе ги продолжат сите овие работи што досега сме ги имале и многу прашања ќе бидат затворени, нагласи претседателот.

Во изјавата Иванов посочи дека Бугарската академија на науките и МАНУ се пример како две институции кои се во науката треба да пристапат за сите прашања кои ги оптоваруват односите меѓу нашите две земји.

- Ние имаме многу работи од минатото кои се уште ни натежнуваат и не оптоваруваат во многу односи, но академиите покажаа зрелост да разговараат за сите прашања. Кога ќе се соочите со аргументи, факти и научни пристапи можете за секое прашање да најдете одговор. Тоа е позитивен пример што го истакнав и сметам дека треба да го следат и другите институции, рече Иванов.

Доделувањето на титулата „Почесен докторат на науки“ од страна на Бугарската академија, како што рече Иванов, е плод на таа соработка, но и на стекнатата доверба во работењето на двете академии. - Јас сум добивал многу признанија, но кога тоа доаѓа од сосед има особена тежина и значење, нагласи македонскиот претседател.