Македонија
15. April 2016 - 19:52

Иванов останува на одлуката за аболиција, секој што не се согласува да поднесе лично барање

Претседателот Иванов цврсто останува на својата одлука за прекин на сите кривични постапки против политичарите. Во своето денешно обраќање Иванов повтори дека е свесен за одговорноста која ја преземал, но убеден е дека неговата одлука е во интерес на државата и граѓаните. Посочи дека политичката криза може да заврши само со одлука на граѓаните на изборите на 5 јуни.   

Уште еднаш повторувам, секој оној кој смета дека сум му одземал право, сторил лоша услуга и својата невиност сака да ја докаже на суд, го повикувам лично во писмена форма да поднесе барање за поништување на одлуката која се однесува на него.

Кога ќе ги добијам таквите барања, ќе повикам правни експерти да понудат можно правно решение. И политичките партии можат со свои правни експерти да се вклучат во овој процес. Целта на носењето на одлуката е таа да биде гаранција дека до денот на одржување на изборите, партиите и нивните поддржувачи, работата на институциите и активноста на претставниците на меѓународната заедница нема да бидат злоупотребени и нема да влијаат во нарушувањето на изборниот процес. Очекувам распишаните избори на 5 јуни да бидат вовед во ново поглавје за Република Македонија, рече Иванов.

Веднаш по обраќањето на Иванов, Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лично поднесе барање до него за поништување на одлуките за прекин на кривичните постапки.

Барањето на Груевски се однесува на секоја поединечна одлука која беше објавена во службен весник и која се однесува и на него лично.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак не даде конкретен одговор дали во посебно во свое име ќе му се обрати на Иванов, туку повторно се повика на партиското писмо кое попладнево беше испратено до претседателот.

Со барање до Иванов уште еднаш да ја разгледа одлуката за аболиција и да искаже јасна политичка определба за нејзино повлекување или поништување, попладнево писмо до претседателот испрати и Демократската унија за интеграција.