Македонија
25. March 2016 - 17:03

Иванов: Македонија сака отворени и искрени односи со сите соседи

Македонија сака отворени и искрени односи со сите соседи, вклучително и Бугарија, изјави Претседателот Иванов во интервју за бугарската агенција Бгнес, посветено на односите со Софија и мигрантската криза.

Иванов вели дека државите како да се застанати во 20 век и робуваат на бирократски процедури, но мора да сфатат дека живееме во 21 век, кога младите луѓе немаат време да чекаат по граници.

,,Посакувам Бугарија да биде најголемиот поддржувач на Македонија, што се вели да ја прегрне Македонија. Затоа што, ние барем немаме јазична бариера. Имаме многу отворени прашања од минатото, но не можеме да ја смениме историјата. Не можеме да ја смениме ни географијата. Ќе останеме вечно соседи. Ние сме реалност. Веќе 25 години сме независна држава‘‘, вели Иванов.

Иванов ја посочува редовната комуникација со претседателот Плевнелиев и премиер Борисов, во справување со мигрантската криза, што треба да биде пример за другите земји.
,,Неодамна му се јавив на вашиот премиер Борисов и му предложив нашите министри со вашите министри, значи и полицијата и армијата да направат заедничка контрола на границата од Кулата, тромеѓето преку Беласица до Кожуф да го видат тој терен и да направиме показна вежба. Да видат од другата страна сите тие дека ние сме организирани држави и си ги чуваме своите граници. Можеме да имаме отворени прашања за се, но кога постои ваква криза таа треба да биде приоритет, за да постои соработка меѓу надлежните институции‘‘, изјави Иванов.

Според Претседателот, илегалниот бизнис со шверц на мигранти мора да се спречува со сите средства, активирање на кризниот менаџмент, жица, термални камери, сензори, бидејќи  европскиот концепт на интегрирано гранично управување не може да се справи со кризата.

,,Тоа, на некој начин, засега се забави, но мораме да продолжиме, затоа што во текот на целиот наш живот ќе бидеме изложени на овие мигрантски бранови. Тие нема да застанат. Цела Африка се подигна, Централна Азија, исто така. Сите сакаат да дојдат во Европа, бидејќи Европа е супер сила во животен стил‘‘, вели Иванов.

Иванов предупредува дека со затворањето на балканскиот коридор, се отвора можноста за формирање на нови рути преку Бугарија и Албанија со цел мигрантите да стигнат до централна Европа.