Македонија
5. July 2017 - 20:58

Иванов: Македонија е пример за тоа како една земја може да биде предмет на двојни стандарди кои се граничат со лицемерие

Во случајот со Република Македонија воопшто не се почитува меѓународниот договор склучен со една наша соседна земја, кој создава меѓународно правни обврски. Имаме и пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Хаг која сите ја игнорираат, небаре не постои. Македонија направи многу за безбедноста на Европа, а сè уште се третира како трета земја, па дури и пристапот кон одредени безбедносни инструменти на ЕУ ни е ограничен. Македонија е пример за тоа како една земја може да биде предмет на двојни стандарди кои се граничат со лицемерие, изјави претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, на отворањето на 28. годишната сесија на Форумот Кран Монтана, што се одржува во Барселона.

Говорејќи на тема  „Каков свет за иднината? Стратегии за стабилност во непредвидлива средина – кон нов начин на управување“ и осврнувајќи се на примерот со Македонија, претседателот Иванов рече дека останува оптимист и се надева дека ЕУ и НАТО, како и земјите од нашиот регион ќе извлечат поуки од овој погрешен пристап кон Република Македонија.

- Имајќи ја предвид темата за која зборуваме, не можам да видам ниту една друга одржлива стратегија за стабилност во услови на глобално непредвидлива средина освен враќањето кон единствениот вид поредок кој даваше стабилност – имено почитувањето, а не наменското толкување на меѓународното право и преземените меѓународни обврски. Ова оди рака под рака со максимална соработка, пред сè, во сферата на безбедноста и на борбата против главните предизвици – екстремизмот и тероризмот, рече Иванов.

Претседателот Иванов посочи и на начинот на кој Република Македонија се справи со мигрантската криза, кој како што оцени бил успешен.

- Мигрантската криза ги увери и најголемите скептици во две нешта: прво, дека мала територија не значи и неважна територија и, второ, дека мала земја не значи и мала улога во глобалните процеси. Изборот на Македонија беше хуманост, правичност и еднаков третман кога станува збор за хуманитарниот аспект на мигрантската криза; и одлучност и подадена рака за соработка кон сите засегнати, кога станува збор за нејзиниот безбедносен аспект. Секако, мора да се има предвид дека мигрантската криза е само еден од серијата незапирливи глобални процеси со кои човештвото постојано ќе се среќава, рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател оцени дека темелите на поредокот каков што го знаеме се сериозно разнишани и затоа, како што рече, сме во состојба на  глобален непоредок.

- Организацијата на Обединетите нации, како еден од тие темели, мора да се реформира и да се приспособи кон новата реалност. Ова се однесува и на другите меѓународни организации кои не смеат да си дозволат да останат заглавени во 20-от век, напротив мора да бидат пофункционални за да бидат вистински гаранти на стабилноста. Времето за дејствување е сега. Од општествена, пак, гледна точка мора да се придвижиме кон систем на управување кој ќе води сметка за колективното добро, притоа не заборавајќи на експанзијата на секој од нас, поединечно. Новите технологии веќе ја даваат таа индивидуална можност, останува на нас да ја подигнеме свеста за нивното користење за позитивни цели, рече претседателот Иванов во своето обраќање на отворањето на 28. годишна сесија на Форумот Кран Монтана, што се одржува во Барселона.