Македонија
27. September 2018 - 19:07

Иванов: Договорот од Преспа ја втурна Македонија пред свршен чин, нема да гласам на референдумот

Гласањето за референдумот е право а не обврска изјави претседателот на државата Ѓорѓе Иванов на обраќањето на 73-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.. Според Иванов, 30 септември е одлучувачки за државата и патот по кој таа ќе се движи во иднина..

„Ако овој референдум биде успешен во согласност со законот, тогаш не само што се менува името на постојната држава, туку се создава нова, полусуверена држава, со ново име и нов внатрешно-правен и меѓународно-правен идентитет. Ќе бидеме држава само по име, но не и по суштина, бидејќи друг ќе ни го регулира начинот на живот. Но, доколку овој референдум не е успешен, тогаш се отвора нова можност. Можност да разговараме и да ги разгледаме новите опции за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на нашето фундаментално право на самоопределување“, изјави Ѓорѓе Иванов, Претседател на Р. Македонија. 

Според претседателот Иванов, Преспанскиот договор ја втурнал Македонија пред свршен чин а со документот се бара државата да изврши историско и правно самоубиство.. Помогнете да се реши проблемот без кратење на правото на самоопределување, порача Иванов..

„Како Претседател на Република Македонија ги повикувам сите држави кои веќе ја признале Република Македонија и воспоставиле дипломатски односи под нејзиното уставно име да не ги менуваат своите одлуки. Покажете ја својата сувереност со тоа што ќе останете доследни на сопствените принципиелни одлуки што сте ги донеле без притисоци. Помогнете ни со тоа што ќе бидете чувари на нашето право на самоопределување, чувајќи го со тоа и вашето право на самоопределување“, изјави Иванов.

Според Иванов, договорот од Преспа ќе ги оддалечи македонскиот и грчкиот народ.. Смета дека за траен договор со Грција е потребен дијалот а не монолог.