Иванов: Дијаспората да помогне во овој период на предизвици
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов вечерва во Клубот на пратениците им ги врачи повелбите за заслуги на иселеничките организации: Француско-македонската „Блаже Конески“ од Мант Ла Жоли, Франција, Културно-спортското друштво „Преспа - Бирлик“ од Малме, Шведска, ансамблот „Македонка“ од Торонто, Канада, Австралиско-македонскиот театар од Сиднеј, Австралија, и Охридско-социјално друштво „Св.Наум Охридски“ од Мелбурн, Австралија.
Во обраќањето по овој повод, Иванов изрази благодарност до дијаспората за досега стореното, но воедно ја повика да помогне, како што рече, и во овој период на предизвици.
- Со Повелбата на Република Македонија ви се заблагодаруваме и, воедно, ве покануваме и вас и целата дијаспора да соработуваме и да се сплотуваме. Да бидеме пример за оваа и за идните генерации. Верувам дека ќе ја искористите секоја можност за да помогнете и во овој период на предизвици и дека сплотени ќе продолжиме да ја остваруваме заедничката визија - со тимска работа да ја направиме Македонија подобро место за живеење, нагласи претседателот.
Според Иванов, секој успех на иселениците е успех и за Македонија, колку поуспешни поединци, толку поуспешна држава.
- Македонската дијаспора секогаш давала големи луѓе, а еден од нив е и македонскиот револуционер, новинар и публицист Ангел Динев. Во 1935 година, пред точно 80 години, Динев почнал да го издава неделникот „Македонски вести“ кој одиграл многу значајна улога во ширењето на идеите за слободна и самостојна Македонија. Меѓу бројните текстови, еден е целосно посветен на улогата на македонската дијаспора, истакна Иванов.
Во оваа своевидна декларација Динев вели, посочи претседателот, дека дијаспората треба да ги култивира кај своите сонародници македонската самосвест и македонското национално самочувство, да го развива чувството на заемна љубов и самопомош меѓу своите сонародници, да ги чува македонските обичаи, песни и умотворби, да ги величи и да ги цени високиот идеализам и подвизите на своите татковци и дедовци и, со се што прави, да создава пријатели на Македонија.
- Денес сме тука за да им се заблагодариме на пет организации кои го исполнуваат заветот на Динев. Сите вие сте живата врска на Македонија со светот. Вие сте наши амбасадори на полето на културата, уметноста, образованието, добротворството и спортот, потенцира Иванов.
Според него, членовите на Австралиско-македонскиот театар од Сиднеј со автентичните македонски драми секогаш успева да адресира важни општествени теми и да пренесе значајни пораки и за Македонија и за Австралија, Охридското-социјалното друштво од Мелбурн останува доследно на заветот на големиот лекар на душата и на телото - Св. Наум Охридски, Македонско-француската асоцијација цела деценија го негува делото на големиот Блаже Конески и го утврдува македонскиот јазик како наша единствена комплетна татковина, а културното и спортско друштво „Преспа-Бирлик“ од Шведска само по себе е сведоштво за мултиетничноста на македонската дијаспора, за придобивките на македонскиот модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста.
Говорот го заврши со дел од декларацијата за дијаспората во која Динев предупредува дека „со распокинати сили, во натегната атмосфера, при заемна недоверба... самите си нанесуваме штета едни на други...“.
- Овој опис, за жал, премногу потсетува на атмосферата во која денес се уште се наоѓа Република Македонија. И македонската дијаспора е загрижена за оваа состојба, бидејќи, се што се прави во татковината неминовно се рефлектира и на дијаспората. Не смее да се заборави дека Република Македонија не е само држава на македонските граѓани што живеат во неа, туку и татковина на нејзината дијаспора, напомена претседателот Иванов.
Иселеничките организации беа избрани за одликување од Комисијата на неговиот Кабинет.
Ново на Сител
-
Постапка против десет лица за кривични дела поврзани со криумчарење возила
-
Во Јужна Кореја прогласена седумдневна жалост поради авионската несреќа
-
Коцевски: Од страна на Јавното обвинителство не протекуваат информации
-
Трент не го известил Ливерпул дека ќе премине во Реал
-
Почина Јагнула Куновска, македонска политичарка и адвокатка
-
Извршени десет претреси во Скопје, Неготино, Дојран и Битола во акцијата поврзана со криумчарење луксузни возила
-
Со вонредните контроли на АХВ, парично казнети 23 угостители
-
Приведено лице заради службен разговор во врска со кривично дело „Оддавање на службена тајна“