Итен состанок во МЗ за проблемите на дијабетичарите
Сите инволвирани со набавката на глукомери и ленти за мерење на шеќер на итен состанок кај министерот за здравство. По двонеделното отсуство од државата, Фатмир Меџити за проблемите на дијабетичарите ги повикал во кабинет од Националната комисија, сегашни и бивши директори на Ендокринологија, од јавни набавки, Фонд за здравство и МАЛМЕД.
Треба да бидат расчистени сомнежите и дилемите зошто апарати за регулација на гликемијата ги делат во најлонски ќеси, без декларација но и селективно. Нејасно за стручната јавност е и како може ленти од еден производител да одговараат и кај апарат од друга компанија што не е препорака на ниту еден специјалист, бидејќи во таков случај никој не може да гарантира за безбедноста на пациентите. Сите овие информации му биле соопштени на министерот, но кој ќе биде епилогот не се знае бидејќи цел ден не успеавме да добиеме одговор од кабинетот на првиот човек во здравствениот систем.
А откако пред три дена од студиото на Сител претседателот повика и за назорна расправа во Парламентот, дел од пратеничките групи подготвени тоа да го поддржат.
- Еве сме на располагање како опозиција, како политичка партија, овде во Собранието, инситутционално на матичната Комисија за здравство да покренеме и да учествуваме во една ваква надзорна расправа која мислиме дека ќе го реши проблемот да нема вакви застои во иднина, изјави Петар Ристески пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Освен пратениците, и Комисијата за заштита од дискриминација откако ја примила претставката ќе одлучува дали дијабетичарите се дискриминирани поради неколкумесечната голгота чекајќи основни и загарантирани апарати и ленти.
Од почетокот на годината досега, над 40 000 граѓани сами се снаоѓаат за ленти и глукомери и молат кај надлежните да им ги обезбедат основните медицински помагала.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар