Италија ги признава само возачките со „Република Македонија“ - нашинците пред нови проблеми
Италија не ги признава возачките дозволи со „Северна“. Нашинците таму можат без никаков проблем да ги преведат старите возачки со „Република Македонија“, но не и новите.
Дејан Кутаноски кој година и половина живее во регионот Венето добил предупредување од тамошните власти дека има рок од една година да се снајде и да обезбеди возачка со „Република Македонија“, во спротивно нема да може да управува возило
-Од септември 2024 јас останувам без возачка дозвола или треба да преполагам од ново, од почеток да преполагам, теорија, пракса се. Околу 1.800 – 2.000 евра кошта возачката дозвола, вели Кутаноски за Сител.
Ги контактирал и македонските и италијанските власти. Но и двете страни си ја префрлаат топката.
-Прво се обративме во македонскиот конзулат во Венеција. Оттаму ни рекоа дека се работи на проблемот, ама за подобри информации јавете се во амбасадата во Рим. Од амбасадата во Рим ни кажаа дека се работи на проблемот и дека се чека потпис од италијанската влада, вели Кутаноски.
Но, италијанските власти имаат своја верзија. Тие им кажале дека проблемот е во Скопје и дека МНР се уште ги нема известено дека во Македонија се користат нови возачки дозволи.
-Ги контактиравме после италијанските институции. Приватни агенции, државни агенции што работат на превод на возачки дозволи. Тие ни рекоа дека дури македонската дозвола не достави барање дека имате нови возачки дозволи, нема шанса да се преведат. „Проблемот е кај вашата влада, тие треба да пуштат барање, допис...“, вели Кутановски.
Ги прашавме МНР дали се запознаени со проблемот, дали ваков сличен проблем има и во други европски држави каде живеат Македонци и што презела нашата амбасада во Рим, но одговор не добивме.
Проблемите со личните документи се продлабочуваат откако државата не успеа на време да се подготви за преземените обврски од Преспанскиот договор. Со месеци на пунктовите за фотографирање и подигнување на личните документи има огромни гужви, тешко се доаѓа до термини, а граѓани често се жалат и дека воопшто не можат да ги подигнат бидејќи им кажале дека им се изгубени.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар