Македонија
22. January 2024 - 16:34

Истражување: Во затворите корупција, а во психијатриските болници нехигиена

Престојот е бесплатен ама секоја услуга во Идризово има цена. Се плаќа за кревет, душек, топла вода. Истражување на невладините открива дека во најголемиот затвор, царува корупцијата.

„Таму не владее државата, таму не владее правото. Таму владее осуденичко општество и законите на тоа осуденичко општество“, изјави Уранија Пировска, Хелсиншки комитет.

Посетата на Хелсиншки и Здружението на млади правници утврдила нехигиена, руинирани простории, ама и слободна употреба на ножеви. Од Управата велат, нема доволно скенери па тешко се открива внесувањето метални предмети.

„Ние како управа имаме побарано да се зголеми бројот на скенери и до денеска од релевантните институции кои треба да ги набават тие скенери, се уште немаме никаков одговор“, изјави Зоран Јовановски, Директор на КПУ Идризово.

Незаинтересираноста на државата го препознаваат и невладините. Заложбите за подобрување на условите биле само на хартија. Во затворите недостасуваат чувари, здравствени работници, но и пари за одржување на објкетите.

„Имаме прогрес во однос на стратегиите и во однос на документацијата, односно, насоки кои треба да се преземат од страна на  државата, но во однос на имплементацијата сме малку спори“, вели Александра  Цветановска, Здружение на Млади правници.

Надлежните не ги слушнаа забелешките. Министерот Лога, пред почеток на настанот го откажал учеството, а претставник не испратило ниту Министерството за здравство.

„Како почнавте да не критикувате од старт, затоа има некои кои што се во бегство“, изјави Билјана Зефиќ, Управа за извршување на санкции.

Со истражувањето опфатени се и психијатриските болници. Невладините откриле дека лицата кои престојуваат таму добиваат храна во нечисти садови, со часови се без здравствен надзор, а тоалетите немаат ниту хартија, ниту сапун.