Истражување: Половина од граѓаните се подготвени да посегнат по насилство за да се заштитат себе и семејството
Половина од граѓаните (50,3 отсто) се подготвени да посегнат по насилство за да ја заштитат безбедноста на нивното семејство, покажува истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) за перцепцијата на граѓаните за безбедноста, како личната, така и општо, во државата, по спроведената телефонска анкета на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници.
- Вкупно 40,4 отсто од испитаниците не се согласуваат со ниту еден од ставовите, односно самите не би посегнале по насилство за заштита. Иако процентот на оние кои се подготвени да пријават насилство е мнозински (59,6 отсто) сепак, загрижуваат аргументите на остатокот од испитаниците за непријавување: велат дека тоа не е нивна работа, дека не веруваат дека надлежните можат да го решат проблемот, или се плашат од последиците. Кај најмладите испитаници, оние меѓу 18 и 29 години, најниска (46,2 отсто) е подготвеноста да пријават насилство или кршење на законот, а една четвртина од нив рекле дека тоа не е нивна работа, се наведува во соопштението од МЦМС.
Локално гледано, како што велат од МЦМС, граѓаните најмногу ги загрижуваат небезбедните патишта и брзото возење (31,0 отато). На второ и трето место се криминалните пресметки (15,6 отсто) и насилството поврзано со злоупотреба на дроги (15,5 отсто). Загриженоста заради небезбедните патишта и брзото возење расте со зголемувањето на возраста на испитаниците од 22,5 отсто кај оние меѓу 18 и 29 години до 38,2 проценти кај граѓаните над 65 години.
Од МЦМС соопштуваат дека истражувањето е составено од два дела, а во вториот дел се обработени прашањата поврзани со личната безбедност, факторите кои влијаат на неа, каде граѓаните се чувствуваат најбезбедни, зошто, итн.
- Резултатите од истражувањето покажуваат дека кога е во прашање личната безбедност, половина од граѓаните (52,7 отсто) се чувствуваат безбедно во средината во која живеат и работат. Етничките Македонци (59,4 проценти) и припадниците на другите етнички заедници (53,8 отсто) се побројни меѓу оние кои се чувствуваат безбедно додека тој процент кај етничките Албанци изнесува 33,3 проценти, велат од МЦМС.
Прашани кој најдобро ќе ги заштити нив и нивните семејства, најголем број од граѓаните (46,2 отсто) имаа доверба само во себе, односно сметаат дека тие самите најдобро ќе ја заштитат својата и безбедноста на нивното семејство. Една петтина рекле дека никому не му веруваат, а нешто помалку, односно 19,0 проценти сметаат дека полицијата ќе ги заштити најдобро.
Според истражувањето граѓаните најбезбедно се чувствуваат дома. Како се зголемува дистанцата, односно опкружувањето, така се намалува чувството на безбедност од 91,2 отсто (за безбедноста во домот), до 85,4 проценти кога во прашање е нивната населба, па се до 60,4 отсто кога станува збор за државата.
- Кога се во прашање факторите кои влијаат на чувството за безбедност, резултатите од истражувањето покажуваат дека околу една третина од граѓаните се чувствуваат безбедно затоа што живеат нормално и го почитуваат законот и редот. Околу една петтина како фактор за чувството за безбедност го препознаваат нивното добро опкружување, а за околу една десетина важно е тоа што се способни да се заштитат себе си. Причината за чувството за небезбедност за околу 20 отсто од испитаниците е уличниот криминал и насилство, а околу 15 проценти одговориле дека такво чувство им прави лошата економска состојба и сиромаштија, се наведува во соопштението од МЦМС.
Истражувањето било спроведено од страна на МЦМС во соработка со компанијата М-Проспект.
Ново на Сител
-
Осум осомничени за престрелката во Чаир, полицијата се уште трага по три лица
-
Анчелоти ќе го финализира договорот доколку Реал Мадрид ја освои Ла Лига или Лигата на шампионите
-
27-годишен излета со мотоцикл на патот кон Табановце, тешко е повреден
-
Инспекторите во Струмица вчера казнија три лица за согорување отпад од електрични кабли
-
Пожар избувна во хотел во Лондон, евакуирани 100 луѓе
-
Зеленски: Дојде време да се формираат „европски вооружени сили“
-
На граничниот премин „Блаце“ уапсен Косовец - го барале од Интерпол
-
51-годишен маж тешко повреден откако со возило излетал надвор од пат