Македонија
21. јуни 2018 - 11:31

Истражување: Општото ниво на активната транспарентност и натаму ниско

Општото ниво на активната транспарентност во Македонија во 2018 година се задржа на ниско ниво, се наведува во истражувањето Индекс на активна транспарентност спроведено во рамките на програмата „Цивика Мобилитас“ која ја поддржува годишната програмата на Центарот за граѓански комуникации.

Истражувањето содржи рангирање на 97 институции од извршната власт на централно и на локално ниво (министерствата, Владата и општините) според степенот на исполнетост на обврските за проактивно објавување јавни информации (на сопствена иницијатива на институциите).

Процентот на исполнетост на обврските за активно објавување на информациите кај сите 97 вклучени институции изнесува 43,5% (од можни 100%). Степенот на активна транспарентност во 2018 година е незначително зголемен во однос на 2017 година (кога просечно изнесуваше 42,5%).

Според градацијата на активната транспарентност, најмногу институции, 35%, има во групата со „просечна“ активна транспарентност, а најмалку, 2%, во најдобрата група, онаа со „многу добра“ активна транспарентност.

За разлика од претходните две години, сега, генерално, министерствата и Владата стојат подобро од општините според нивната активна транспарентност. Општините се наоѓаат на првите 2 места од ранг-листата, но просечниот скор на сите општини заедно е намален од 41% на 39%, додека скорот на министерствата е зголемен од 48% на 66%.

Во однос на одделните области на активната транспарентност – институциите и понатаму објавуваат најмногу информации од областа на пристапот до информации, а најмалку од областа на буџетската и финансиската транспарентност.

Во однос на регионите, според просечните резултати, и годинава најдобро стои Пелагонискиот Регион, а најслабо – Полошкиот.

Општините одговорија во просек за 20 дена, а министерствата за 41 ден на барањето за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им беше испратено на сите во ист ден и со иста содржина. 71% од институциите одговорија на барањето во максималниот законски рок од 30 дена, а 29% го испратиле одговорот со задоцнување.

Законската основа за активната транспарентност на институциите произлегува од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и од низа други закони како што се Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и др.

Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од практиката, односно кога една институција ги прави достапни до сите граѓани одговорите на прашањата што почесто ги добива во форма на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.