Македонија
5. January 2023 - 12:20

Истражување: Недостигаат активности кои би ја подобриле улогата на жената во општеството

Општините Прилеп и Крушево малку внимаваат за вградување на родовиот концепт при планирањето на нивните локални активности. Ова го покажува најновото истражување на Finance Think според кое во овие општини недостасуваат активности кои би ја подобриле улогата на жената во општеството, а пред се тоа е можноста жената да се најде на пазарот на труд. 

„Потребни се дополнителни капацитети во детските градинки, особено во општина Прилеп каде е голем бројот на деца кои не се згрижени поради недостиг на слободни работни места, што од друга страна пак влијае врз деактивација на еден од родителите, најчесто мајките да мора да се грижат во својот дом за своето дете и со тоа да бидат неактивни на пазарот на труд. Домови за стари лица, бидејќи и тие влијаат во иста насока како и детските градинки, односно женските членови кои мора да се грижат за стари и изнемоштени лица најчесто се спречени да бидат активни на пазарот на труд“, истакна Деспина Туманоска, програмски координатор. 

Пречка за вработување на жените било и немањето продолжени престои во училиштата. 

„Родителите, најчесто мајките мора да се грижат за децата пред и позавршување на училишните часови и со тоа се спречени да бидат активни на пазарот на труд. Понатаму, воведување на јавен превоз во и до руралните места, бидејќи недостигот на оваа услуга ги спречува жените кои живеат во руралните населени места да дојдат во градот каде условите и можностите за вработување се многу поголеми во однос на нивните места на живеење“, додаде Туманоска. 

Анкетираните жени како проблеми ги посочиле и кучињата скитници, малиот број на паркови и и немањето доволно пешачки патеки. Сите овие забелешки се испратени до двете општини за да се имплементирата во нивните програми во 2023 година.