Истражување на ЦГК: Не е сеедно каде живееш и каква здравствена услуга можеш да добиеш
Валандово, Македонски Брод и Крушево немаат гинеколог. Во овој град нема ниту педијатриска служба и болнички кревети за хоспитализирање пациенти, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за можностите за здравствена заштита на граѓаните во државата.
Анализирани се 30 региони во целата земја. Подобро стојат поголемите, а полошо помалите градови, но има исклучоци. Кочани и Кичево се полоши од Виница и Делчево.
Во некои градови како Охрид, Прилеп и Скопје еден лекар покрива по над 3000 деца во педијатриските служби, а во Прилеп има еден гинеколог на 36.000 жени. Жители на помали места за специјалистички преглед треба да патуваат во друг град. Најмногу специјалисти, медицински кадар и болници има во Скопје, Битола и Штип, а загрижувачка е состојбата во Крушево и Крива Паланка. Ова се дел од 22-та индикатори кои се земени во предвид за истражувањето и заклучокот е дека има големи разлики помеѓу градовите.
- Разликите големи, и не е сеедно каде ќе живееш за да добиеш соодветна здравствена заштита. Нема педијатри во амбулантите на педијатриските служби, па жители се приморани да одат во соседен град за да добијат основна здравствена услуга, изјави Герман Филков, претседател на Центарот за граѓански комуникации.
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации се базира на податоци од Институтот за јавно здравје кои се однесуваат за 2021 година.
Кој е ставот на Министерството за здравство и како да се подобри состојбата, одговор не добивме.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар